Владата ќе ги спојува НЕР и ГА-МА во ново претпријатие со сите вработени
Владата ќе ги спојува АД НЕР, претпријатието за изградба на националниот гасовод, и АД ГА-МА, друштвото кое управува со системот за пренос на природен гас, во нова трета компанија, која ќе ги превземе сите вработени од двата оператори. Вака размислува Владата, по финализирањето на трансакцијата од 33 милиони евра со која се купи половичниот удел што го имаше „Макпетрол“ во пренесувачот на природниот гас од Деве Баир до Скопје - АД ГА-МА.
Од таму информираат дека е формирана работна група која е предводена од Министерството за економија, кое на крај треба да биде целосен сопственик на операторот на пренос на природен гас и да се финализира процесот на сертификација и исполнување на обврските за сопственичко раздвојување во гасниот сектор.
„Tрансакцијата за целосно преземање на уделот на Макпетрол во АД ГА-МА е целосно завршена, и во моментот Владата е сто процентен сопственик на АД ГА-МА. За првпат во нашата историја од осамостојувањето државата купи стратешки важно претпријатие, компанија за пренос на природен гас, за разлика од минатото кога државата ги продавала државните претпријатија. Ова преставува сериозен импут во развојот на енергетскиот сектор во Република Северна Македонија. Со ова се реши деценискиот спор поради кој реално немаме развиена гасификационата мрежа во Република Северна Македонија, и за жал граѓаните како и компаниите немаа можност да ги користат бенефитите од користењето на природниот гас.
Се вршат неопходните подготовки и анализа на правни чекори, дејствија и акти кои треба да бидат донесени со цел основање на нов субјект од страна на АД НЕР и АД ГА-МА“, гласи одговорот од Владата.
Намерата на Владата е да се задржат сите вработени од двете друштва. Од таму велат дека систематизацијата на работни места ќе биде направена заеднички и ќе бидат вклучени трите страни.
„Работната група предводена од страна на Министерството за економија, заеднички со претставници на АД НЕР и АД ГА-МА треба да ги завршат сите активности поврзани со спојувањето на двата субјекти и основањето на новиот субјект, вклучувајќи го и усвојувањето на систематизацијата на вработените во новиот субјект. Вработените и во АД ГА-МА и во АД НЕР имаат стекнато искуство во оперирањето на преносниот систем и во одржувањето на истиот, така што интенцијата на Владата е да се задржат сите вработени од двата субјекти и истите да ги извршуваат своите работни задачи како дел од новиот субјект, а систематизацијата да ги рефлектира потребите за секојдневно оптимално работење на новиот субјект“, се додава во одговорот.
Во моментов и НЕР и ГА-МА се раководени од извршни директори и Управен одбор. Какво ќе биде управувањето допрва ќе се одлучува. Двајца членови на Управниот одбор, претставници на Макпетрол, во АД ГА-МА веќе ги поднесоа своите оставки. Формата на управување ќе биде во зависност од тоа каков тип на субјект ќе се формира.
А.К.