Економија, финансии, бизнис

Контакт

Владата ќе формира единствено централно акционерско друштво за водостопанство

Владата ќе формира единствено централно акционерско друштво за водостопанство
Владата на минатата седница одлучи дека е неопходно во Македонија да се формира Акционерско друштво за водостопанство, информираше владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев. Според него, целта на ова акционерско друштво е реализација на обемен и амбициозен инвестициски циклус на полето на водостопанството, подобрување на ефикасноста, ефективноста и продуктивноста на работењето и функционирањето на водостопанскиот сектор и обезбедување на стручен кадар за развој на дејноста. „Владата веќе објави дека согласно формулираната стратегија за водостопанство се планира еден доста обемен и амбициозен инвестициски циклус на полето на водостопанството, во висина од инвестиции од најмалку 20 милиони евра годишно за овие потреби на модернизација и развој, и тој циклус најефективно и продуктивно би можело да се реализира преку едно вакво централно и оперативно тело. Анализите покажаа дека во сегашната форма на организирање и работа на водостопанствата се забележуваат слабости од повеќе аспекти: системски, технички, финансиски, орагнизациски“, вели Ѓорѓиев. Проценките на Бирото за судски вештања покажале дека постојат 3 групи на постоечки водостопанства категоризирани согласно нивната продуктивност и тоа: -водостопанства кои остваруваат позитивни резултати и работат со добивка: Скопје, Битола, Прилеп и Радовиш; -водостопанства кои остваруваат добивка, но кои треба да преземат активности за подобрување на наплатата: Куманово, Кочани, Кавадарци и Струмица и -водостопанства кои покажуваат послаби резултати: Берово, Гостивар, Гевгелија и Ресен. „Со креирањето на ова централно друштво би се надминале дисбалансите, би се оствариле услови за размена на стручни и технички знаења и би се остварила заедничката стратегија за развој. Исто така со креирањето централното друштво ќе се обезбедат поголем број на кадровски зајакнувања и вработувања претежно со стручни лица на кои ќе се темели идниот развој на оваа дејност. Ќе се обезбеди и подобрување на услугите кон земјоделците и подобрување на реализацијата на обезбедување на приходи“, вели Ѓорѓиев. Ова друштво како највисок субјект во структурата е замислено да биде надлежно за зајакнување на капацитетите и имплементација на идните активности. Организациони делови на друштвото ќе бидат Дирекција и подружници. Како нова единица би се формирала Дирекцијата, а постојните водостопанства би се трансформирале во оперативни единици- подружници. Во регионите каде што нема формирани водостопанства или истите се нефункционални дополнително би се формирале нови подружници. Дирекцијата ќе ги врши стручно техничките, економско - финансиските и општите и заеднички работи за сите подружници. Новоформираното друштво ќе ги преземе дејностите кои се во надлежност на досегашните водостопански претпријатија со што ќе се централизира работењето. Во рок од 30 дена Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство треба да изготви предлог законот и да го достави на седница на Влада. Претходно по однос на предлог законот ќе бидат организирани јавна расправа и дебати со цел да бидат вклучени сите засегнати страни, да дадат свои мислења, предлози и идеи се со цел да се изготви квалитетно законско решение кое ќе ги задоволува потребите на учесниците во дејноста, ќе ги претпостави предизвиците и ќе даде решенија на истите, и ќе понуди визија за модернизација и развој.
Слично

Поврзани вести