Економија, финансии, бизнис

Контакт

Владата ќе издвојува 35 милиони денари за амбалажирање на вино и земјоделски производи

Владата ќе издвојува 35 милиони денари за амбалажирање на вино и земјоделски производи

Триесет и пет милиони денари Владата ќе издвои годинава за програмата  за финансиска поддршка за амбалажирање на вино и земјоделски производи.

Оваа финансиска поддршка покрива 20 отсто од трошоците за амбалажа, односно по 6 денари по единица за амбалажирање на вино и по 4 денари по единица за амбалажирање на земјоделските производи.

Владиниот портпарол нагласува дека амбалажираните призводи  имаат повисока цена на европскиот пазар, а целта на оваа програма е зголемување на извозот на македонски земјоделски производи.

- Целта на оваа програма е да се дадат финансиски средства за помош на домашните земјоделски компании со цел да се обезбеди што поголем квалитет на нивните производи и на тој начин да се влијае во зголемување на извозот којшто го имаат овие производи на надворешните пазари, и на тој начин да се оствари корист и за самите компании коишто  ги извезуваат производите, а се разбира да се влијае позитивно на девизниот прилив којшто го обезбедува Р.Македонија, како резултат на извозот на земјоделски производи, истакнува Ѓорѓиев.

Минатата година за оваа намена беа издвоени 27,5 милиони денари, а како што нагласи Ѓорѓиев, мерката се спроведува неколку години наназад. Во 2012 и 2013 година за флаширање на вино биле издвоени 38,7 милиони денари.

Во 2014 година за првпат е исполнета целокупната безцаринска квота за извоз на флаширано вино во ЕУ, и истата е реализирана заклучно со 8. декември. Преку ваков вид на поддршка, како што нагласи владиниот портпарол, досега се извезени над 16 милиони шишиња флаширано вино, а помошта ја искористиле 25 регистрирани винарии.

-За секоја од предвидените мерки во рамките на оваа програма ќе бидат распишани огласи на кои ќе може да аплицираат сите земјоделски производители кои ги исполнуваат условите и извезуваат земјоделски производи во амбалажа, појасни тој.

Финансиска поддршка ќе можат да добијат и винските компании кои претходно го имаат амбалажирано виното. За двете подкатегории односно за амбалажирање на вино и за амбалажирање на земјоделски производи ќе бидат објавени посебни огласи за кои Владата редовно ќе известува.

Слично

Поврзани вести