Економија, финансии, бизнис

Контакт

Владата ја зголеми квотата за вработување странци во Македонија

Владата ја зголеми квотата за вработување странци во Македонија

Владата со одлука на седница минатата недела ја зголеми квотата на странци кои можат да бидат работно ангажирани на територија на Македонија за 2022 година. Со одлуката се определува вкупна висина да биде 5000 работни ангажмани. Ова е за прв пат по подолго време зголемување на квотата со која можат да бидат работно ангажирани странците. Досега таа на годишно ниво изнесуваше 3.250.

Според групите на квотите, ангажманите за вработување на странци се зголемуваат од 2.150 на 3.500. Се зголемува и бројот на упатени странци во Македонија од 700 на 900, а се зголемуваат и поединечните услуги од странци од 200 на 400

Вчера вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во изјава за медиумите истакна дека поради празнината на пазарот на трудот, и Македонија веќе почнува да увезува работна сила.

„Нашите одат во Германија, но и ние сме привлечни за луѓе од други земји. Платите кај нас се поконкурентни од земјите од каде што доаѓаат. Во градежништво имате сериозен број на турски граѓани, бидејќи платите во тој сектор се за негде 50 отсто повисоки од платите во Турција. Имате во ИТ-секторот од Индија и Пакистан. Увозот на работна сила е иминентен“, додаде вицепремиерот.

Агенцијата за вработување бројот на издадени дозволи на странци по земја на потекло последен пат го објави во годишниот извештај за работата во 2020 година. Тогаш доминирале работниците од Турција со 1.429 ангажирани лица од оваа земја. Следуваат Србите и Албанците со бројка од 393, односно 282. Над 100 работници биле донесени од Косово, Грција и Бугарија. Доаѓале и Германци, Хрвати, Украинци, Руси, Босанци, Американци, Италијанци, Словенци итн.

Во 2021 во Агенцијата за вработување биле поднесени 4.890 барања за вработување на странци, што е многу повеќе од 3.672 барања една година претходно. 792 барања биле за работни дозволи и 4.097 барања од МВР за мислење за исполнување на условите за издавање на дозвола за привремен престој на странец заради работа. 427 мислења од Агенцијата биле негативни.

А.К.


Слично

Поврзани вести