Владата ја задолжи државата за нови 7,3 милиони евра
Од домашните кредитори, Владата денеска се задолжи за 7,3 милиони евра. Задолжувањето е направено со продажба на државни хартии од вредност со рок на доспевање од една година.
Новото задолжување е за 700 илјади евра поголемо од првично планираните 6,6 милиони евра.
Инаку, утре владата на домашните кредитори треба да им врати 5,3 милиони евра, а во сабота уште 12,5 милиони евра. Што значи повторно се практикува истата политика, ново позајмување непосредно пред раздолжувањето.
Заедно со јуни, јавниот долг на државата изнесува 1 милијарда 305 милиони евра. Дел од овие пари ќе треба да се враќаат по 10 и 15 години, а скоро 330 милиони евра треба да се вратат за 5 години и речиси 449 милиони евра наредната година.
Вкупниот јавен долг, заклучно со првата половина од годинава достигна 3,9 милијарди евра или 43,7 проценти од БДП.
