Владата ја продолжи кризната состојба до 21 октомври, засега без мерки за цените на горивата
Владата на денешната седница донесе одлука продолжување на рокот за постоење на кризна состојба поради можност од нарушување на снабдувањето со нафта и нафтени деривати. Претходниот рок истекуваше на 20 јули, а во соопштението кое го достави до јавноста нема информација дали ќе има намалување на акцизата и на ДДВ-то на горивата.
„Со донесената одлука, рокот на важење на кризната состојба се продолжува од 21 јули до 21 октомври, со што се обезбедува континуитет во институционалното постапување и навремено преземање на мерки доколку дојде до нарушувања во снабдувањето или до значителни ценовни шокови на меѓународните пазари на нафта и нафтени деривати.Целта на оваа одлука е Владата да располага со соодветен правен механизам за брза и ефикасна реакција, со цел да се зачува стабилноста во снабдувањето, да се ублажат последиците од евентуални пазарни нарушувања и да се заштитат интересите и животниот стандард на граѓаните и стопанството“, објави Владата.
Од таму додаваат дека внимателно ќе се следат состојбите на домашниот и меѓународниот енергетски пазар и, доколку тоа го наложат околностите, ќе „се носат навремени и соодветни мерки во интерес на сигурно, стабилно и непречено снабдување со нафта и нафтени деривати“.
По усогласување на одлуката во рамки на владините процедури истата ќе биде доставена до Собранието на разгледување и донесување, согласно законските надлежности.
