ПОНИШТЕНА ПОСТАПКАТА ЗА ИЗБОР НА ЕСМ ЗА ПРОИЗВОДСТВО НА ТОПЛИНСКА ЕНЕРГИЈА - проблем се топланите, власта им ветува на скопјани парно, ама не кажува од каде
Владата се уште ја нема избрано ЕСМ производство за производител на топлинска енергија. Или поточно, Владата ја поништила постапката за избор на вршител на енергетска дејност регулирано производство на топлинска енергија.
Таква одлука донел владиниот кабинет на 20 оввој месец, додека, пак, за двете други фирми, а тоа се ЕСМ Снабдување и ЕСМ Дистрибуција, донесена е одлука за нивни избор за вршители на енергетските дејности снабдување и дистрибуција.
Еве што точно навела Владата во своите одлуки донесени пред неколку дена, а кои се базираат на законите за Влада и за енергетика.
„Владата на седницата одржана на 20 септември донесе Одлука за поништување на постапката за избор на вршител на енергетска дејност регулирано производство на топлинска енергија. Со оваа одлука се поништува постапката за избор на вршител на енергетска дејност регулирано производство на топлинска енергија, по јавен повик за избор од 25 август оваа година. Постапката за избор на вршител на енергетска дејност регулирано производство на топлинска енергија се поништува со оглед дека до крајниот рок за доставување на понуди не е пристигната ниту една прифатлива понуда“, се вели во владиното образложение кое е објавено на 23 овој месец.
Фактор праша во ЕСМ зошто е поништена оваа одлука за избор, а оттаму објаснуваат дека главната причина за тоа е фактот што уште не е решен проблемот со топаните Исток и Запад, кои сеуште и припаѓаат на компанијата „Адора“.
Како што веќе и е познато на јавноста, засега не може да се реши проблемот меѓу Владата и „Адора“, во смисла на тоа дали Владата ќе ги купи топланите за истите средства за кои што ги има купено „Адора“, или, пак, ќе ги земе под закуп, како што бара Владата, но тоа не е прифатливо за компанијата.
„Фактички, Владата нема законска основа да го одобри вршењето на дејноста производство на топлинска енергија, бидејќи се уште не е решен проблемот со топланите Исток и Запад. Односно, за ЕСМ производство да добие лиценца за вршење на дејноста производство на топлинска енергија, потребно е да прикаже дека има капацитети за производство, а тоа се токму топланите Исток и Запад, но со нив проблемот се уште не е решен. Затоа сега чекаме одлука од Владата дали ЕСМ производство треба да оди со закуп на топланите од ‘Адора’, или со нивно купување“, објаснуваат од ЕСМ за Фактор.
Значи, Владата тоа треба да го реши на своја седница. Фактор праша во Владата дали таа точка беше ставена на дневен ред на вчерашната сесија, но оттаму добивме одговор дека такво нешто нема за вчерашниот дневен ред, иако објаснија дека одредена точка може да се стави и дополнително и по неа да се донесе одлука.
А, од ЕСМ за Фактор се децидни дека се додека нов производител не добие лиценца, обврска да ја произведува топлинската енергија има претходниот лиценциран производител, а тоа во случајов е БЕГ производство.
Но, од таа компанија вчера соопштија дека БЕГ Производство нема правна основа за користење на топланите, бидејќи Договорот за закуп е раскинат.
Инаку, Владата на седница на 20 месецов донела одлуки со кои се врши избор на ЕСМ Снабдување и ЕСМ Дистрибуција за вршители на енергетските дејности снабдување и дистрибуција со топлинска енергија.
„Со оваа одлука за вршител на енергетската дејност снабдување со топлинска енергија се избира Друштвото за снабдување со топлинска енергија ЕСМ СНАБДУВАЊЕ СО ТОПЛИНА ДООЕЛ Скопје, согласно јавниот повик“. „Со оваа одлука за вршител на енергетската дејност дистрибуција со топлинска енергија се избира Друштвото за дистрибуција на топлинска енергија ЕСМ ДИСТРИБУЦИЈА НА ТОПЛИНА ДООЕЛ Скопје, согласно јавниот повик“, се вели во владините објави.
Според информациите од ЕСМ, откако ЕСМ Снабдување и ЕСМ Дистрибуција се избрани од Владата, врз основа на тој избор после Регулаторната комисија за енергетика треба да им ја додели лиценцата за вршење на овие дејности.
Премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања, вчера изјави дека за затоплување на градот од нов оператор, ЕСМ веќе има добиено лиценци. За доверителските односи меѓу ЕСМ и БЕГ Ковачевски изрази уверување дека ќе бидат решени согласно со Законот за трговски друштва и облигациски односи.
„Тоа што ни е обврска и одговорност, тоа го
правиме и секојдневно. Денеска имам телефонски разговори од рано сабајле со
премиери и претседатели на други држави, се со цел да можеме да најдеме најсоодветно
снабдување со енергенси“, изјави Ковачевски.
И вицепремиерот Фатмир Битиќи вчера порача граѓаните да бидат спокојни, бидејќи,
како што нагласи, топлинска енергија ќе има. Тој информира дека е
обезбеден и гас.
„ЕСМ и Адора влегуваат во преговори кои мора да се согласно сите законски прописи и процедури. Се што е возможно ќе се направи. Ние велиме дека топлинска енергија за граѓаните секако ќе има и тие треба да бидат спокојни. Да, обезбеден е и гас. Кој е изворот е најмалку важно, важно е да има гас“, рече Битиќи.
Според него, Одлуката на РКЕ, која е независно тело, може да се побара, а членот три е јасен и дециден.
Откако „Макпетрол“ пред извесен период испрати
допис до ЕСМ, во кој ги известува дека компанијата врз основа на годишнот
договор со „Гаспром“ може да ги обезбеди потребните количини и за сите свои
клиенти, како и за топлните Исток и Запад, со тоа што количините за наредниот
месец треба да се платат до 20 претходниот месец, од ЕСМ му одговориле на
„Макпетрол“ дека нив нема да им бидат потребни споменатите количини. Практично,
тој одговор значел и дека Владата нема да ги плати потребните средства, што
требаше да се случи до 20 овој месец, за да се набават потребните количини на
енергенсот за следниот месец, односно октомври.
Владата, пак, вчера соопшти дека одобрила средства за ликвидно работење на друштвата и континуирано снабдување со топлинската енергија на потрошувачите на Град Скопје.
"Беше донесена Одлука за одобрување 1,1 милијарда денари за набавка на енергенси, пред почетокот на грејната сезона, на АД за производство на електрична енергија „Електрани на Северна Македонија“, во државна сопственост, Скопје, согласно Одлуката за постоење на кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија.
Со преземените соодветни мерки од страна на Владата се обезбедува непречено снабдување со топлинска енергија на градот Скопје и сигурност и стабилност при испораката на топлинска енергија до потрошувачите за време на годинешната грејна сезона", се вели во владиното соопштение.
Нина Нинеска-Фиданоска
