Владата им најде чаре на неактивните фирми
Сите содружници, управители и членови на органи на управување кај кои од страна на државата е почната постапка за бришење на фирма од Централниот регистар во наредните три години нема да имаат право да основаат фирма. Оваа одредба се предвидува во последните измени и дополнувања на Законот за трговски друштва што Владата ги усвои пред една недела и веќе ги достави во собраниска процедура.
Според министерот за економија Ваљон Сарачини, ваквото решение треба да го реши проблемот со многу трговци поединци кои основале фирми и немале никаква активност, а не поднесувале барање фирмите да бидат затворени поради што беа евидентирани како неактивни фирми.
„Бројот на неактивни фирми изнесуваше над 20.000 и ни правеше проблем во извештаите на Светска банака и во другите извештаи за Република Македонија да се рангира повисоко. Со измените трговецот поединец што нема да поднесе барање во Централен регистар за да се избрише неактивна фирма и доколку е потребно државата да го направи тоа, нема да има право три години да основа ново друштво. Покрај тоа, нема да имаат право да бидат управители, ниту, пак, членови на управување на некој орган“, прецизира Сарачини.
Според него, измените во Законот за трговски друштва се во насока на подобрување на општата бизнис клима во земјава и се работени по насоките на извештајот од Светска банка со цел Македонија повисоко да биде рангирана во делот на правење бизнис.
Со новите одредби се предвидува секој трговец поединец веќе да нема обврска физички да пријави или да основа фирма, туку тоа да може да го направи по електронски пат за само четири часа и без никакви трошоци. Измените предвидуваат и содружниците во друштвата кои должат по основа на неплатени даноци, царини или други продонеси да не можат да купуваат или да продаваат удели на некој друг.
Слично
