Владата и Премиерот со нова кампања ве советуваат како да водите здрав живот
Денеска на прес конференција Владата започна нова кампања со која ќе ја подигнува јавната свест за корисноста од здравата исхрана и здравиот начин на живот, како и применување на физичка активност.
Под мотото „Здравјето е избор“ премиерот Никола Груевски истакна дека преку оваа кампања, Владата сака да ја подигне свеста кај луѓето на повисоко ниво и додаде дека во Македонија има доволен избор на здрава храна која му е потребна на организмот, а може и да се спортува без поголеми трошоци.
Тој истакна дека е од голема важност внесувањето на овошје и зеленчук, кое штити од прерана смрт и тешки болести. Груевски додаде дека целозрнестите житарки како што се пченка, пченица придонесуваат за поквалитетен и подолг живот. Протеините се истотака значајна група во исхраната, а како најдобар избор, премиерот ги посочи рибата и пилешкото месо.
Консумацијата на сол во текот на денот за возрасните луѓе, не треба да биде повеќе од шест грама, а кај децата и помалку, бидејќи според анализите солта го покачува крвниот притисок, напомена премиерот додавајќи дека лошата исхрана и недоволната физичка активност придонесуваат за зголемена или прекумерна телесна тежина.
Премиерот информираше дека во земјава 60,5 отсто од мажите и 47, 8 отсто од жените над 20 години односно 52,8 од вкупното население имаат зголемена телесна тежина, а околу 20 отсто имаат прекумерна телесна тежина. Овој проблем се јавува и кај децата, а главен причинител за тоа е употребата на брза храна.
На крај премиерот порача да се практикува редовна физичка активност за подобрување на здравствениот и имунолошкиот систем.
