Владата го забрани извозот на пченица и други култури
Владата на последната седница донела одлука да го забрани извозот на пченица и наполица, јачмен, пченка, брашно од пченица и наполица, семе на сончоглед, како и масла од семе од сончоглед. Еден ден претходно Владата го ограничи извозот на масло за јадење.
„Владата на Северна Македонија одлуката за ограничување на извозот на овие стоки ја донесе како превентива за да се избегнат шпекулативни дејствија на трговците и производителите и за заштита на домашното производство, домашниот пазар и граѓаните. Оваа одлука е донесена како реципрочен одговор на сличните мерки што ги донесоа земјите во регионот“, пишува во образложението.
Од таму додаваат дека во млиновите во земјата има преку 50.000 тони залихи од пченица, преку 10.000 тони пченка и над 8.000 тони јачмен, што се должи и на растот на домашното производство на пченица од 195 илјади тони во 2017 година, на 253 илјади тони во 2021 година.
