Владата го продолжува рокот со ограничени маржи за прехранбените производи
Мерката за замрзнување на профитните маржи за основните прехранбени производи, која истекуваше на 31 декември, владата денес на редовна седница ќе ја продолжи до 31 април.
Ова го потврди министерот за економија Крешник Бектеши, кој меѓудругото рече дека веќе се чувствува поевтинување на цените кај одредени производи и поради поевтината електрична енергија што ја добија компаниите од ЕСМ Продажба.
- Ние сме биле многу отворени, транспарентни посебно спрема граѓаните и не сме кажале дека ќе има намалување од 50 отсто, 70, 80 отсто за месец декември. За месец јануари се прават калкулациите и од компаниите и од стопанските комори и секако дека очекуваме да има дополнително намалување. Колку ќе биде тоа намалување ќе ве известиме навремено откако ќе ги завршиме консултациите со сите стопански комори, рече Бектеши.
