Економија, финансии, бизнис

Контакт

Владата го објави повикот за субвенционирање на продавници за вино!

Владата го објави повикот за субвенционирање на продавници за вино!
До 30 ноември трае повикот за аплицирање за отворање унифицирани специјализирани продавници за вино со државна помош, објави владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев. Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој го објави повикот за субвенционирање, а финансиската поддршка се содржи во покривањето на значителен дел од трошоците за опремување на продавниците, за закуп на простор за продавниците и за вработувања на работници, трошоци кои ќе ги направат компаниите кои ќе отворат ваков тип на специјализирани продавници за вино. Ќе бидат отворени 10 продавници за вино во следните градови: Скопје две продавници, а во Охрид, Берово, Кавадарци, Штип, Струмица, Прилеп, Битола и Крушево по една продавница. Владата ќе покрие 50% од трошоците за внатрешното опремување на продавницата, со исклучок на инвестициите за помошни и санитарни простории, но не повеќе од 1.500.000 денари по единица продавница. Исто така, Владата ќе покрие 50% од трошоците за закупнина за просторот во кој ќе функционира продавницата, и тоа во период од 3 години, но не повеќе од 30.000 денари месечно или околу 500 евра месечно по единица продавница. Освен ова, Владата ќе обезбеди и плати за вработување на две лица во овие продавници и тоа во период од 3 години, и тоа во висина од просечната плата по лице месечно, значи две просечни плати месечно по единица продавница, појаснува Ѓорѓиев. „Овој проект е доста значаен и дава добра поддршка за компаниите. Апелираме што поголем број на компании да ги разгледаат овие добри можности и услови и да аплицираат за да отворат продавници и да ја добијат државната поддршка. На тој начин ќе придонесат за сопствената профитабилност, за развојот на компанијата, позитивно ќе влијаат на промоцијата на вината од домашно потекло и на зголемување на продажбата на македонските вина, но и на процесот кој за нас е многу значаен, а тоа е отворањето на нови работни места и вработување на граѓаните“, вели тој. Претходно од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство веќе беше презентирано и идејното решение за тоа како треба да изгледа ентериерот на овие продавници. Сите продавници кои ќе бидат финансирани во рамки на овој проект е потребно да бидат со квадратура од 30 до 100 метри квадратни и да имаат изглед согласно презентираното идејно решение на ентериерот, а пожелно е да бидат лоцирани во централните градски подрачја на наведените градови.
Слично

Поврзани вести