Владата ги ослободи социјалците од радиодифузна такса, но што значи тоа за МРТ?
Околу 40.000 семејства, приматели на социјална и постојана парична помош, во иднина целосно ќе бидат ослободени од плаќање на радиодифузната такса, согласно законските измени за кои во Собранието почна постапка за усвојување по скратена такса.
Мерката ќе им го олесни животот на оние со ниски примања, но во истовреме значително ќе го намали буџетот на Македонската радио-телевизија, каде одат парите од радиодифузната такса.
Имено, со оглед месечниот износ на таксата, овие 40.000 ослободени семејства на годишно ниво ќе значат околу еден милион евра помалку приходи за МРТ.
Од Владата вчера појаснија дека на чекорот се одлучиле затоа што наплатата на радиодифузна такса кај овие категории граѓани ионака била минимална, а трошоците на УЈП за присилно извршување - големи.
Сепак, Здружението на новинари на Македонија смета дека мерката претставува упад во финансирањето на МРТ.
„Ние имаме разбирање што Владата води сметка за стандардот на социјално загрозените семејства, меѓутоа тоа не смее да биде на штета на нормалното работење на јавниот сервис, кој треба да има одржлив извор на финансирање, од кој, во голема мера, зависи и неговата институционална независност“, вели претседателот на ЗНМ Насер Селмани.
Тој побара од Владата доколку ослободува одредена категорија граѓани од плаќање радиодифузна такса да го надомести истиот износ во буџетот на МРТ.
Слично
