Економија, финансии, бизнис

Контакт

Владата ги објави компаниите кандидати за изградба на „Чебрен“

Владата ги објави компаниите кандидати за изградба на „Чебрен“

Владата го објави списокот на 10-те компании заинтересирани за јавно-приватно партнерство со Владата за изградба на хидропроектот Чебрен при што ќе треба да инвестираат околу половина милијарда евра. Комисија надлежна за тендерот денеска ги отвори пристигнатите понуди за квалификација и утврди дека се пријавени 10 компании.

Според соопштението на Владата, се работи за десет големи светски компании од областа на енергетиката и градежништвото кои ќе конкурираат за фазата за претквалификација за проектот Чебрен, односно за концесија за користење на вода за производство на електрична енергија од хидроцентрали на Црна Река.

„Комисијата формирана од Владата во наредниот период ќе изврши евалуација на пристигнатите апликации дали ги исполнуваат условите од тендерската документација. Квалификуваните понудувачи ќе бидат поканети во втората фаза, во која ќе можат да достават комплетни понуди за проектот и за нивно учество во Јавно-приватно партнерство со АД Електрани на Северна Македонија за изградба на овој капитален енергетски објект“, гласи соопштението.

1. CONSORTIUM  ЕNКА – COLIN - ТУРЦИЈА

2. CONSORTIUM PPC – ARCHIRODON - ГРЦИЈА

3. EDF - ФРАНЦИЈА

4. CONSORTIUM COBRA - COBRA HIDRAULIKA - ШПАНИЈА

5. CONSORTIUM EVN - VERBUND - АВСТРИЈА

6. WEBUILD SPA ITALIA (SALINI) - ИТАЛИЈА

7. GEZHOUBA GROUP CHINA - КИНА

8. POWER CONSTRUCTION CORPORATION OF CHINA - КИНА

9. CONZORTIUM OZALTIN - YAPI MERKEZI - ТУРЦИЈА

10. CONSORCIUM EIFFAGE-WATERLU-ANDRITZ-NORCONSULT - ФРАНЦИЈА, АВСТРИЈА

Сега Владата и АД ЕСМ треба да ангажираат трансакциски советник кој треба да ја изработи тендерската документација за втората фаза, со цел успешна реализација на проектот.

АД ЕСМ во февруари го објави повикот за спроведување на енергетскиот проект Чебрен по принцип на јавно-приватно партнерство. Енергетската трансформација со изградбата на Чебрен треба да овозможи намалување на производството на јаглен. Кога ќе почне со работа, тоа ќе значи 913.000 тони помалку јаглерод диоксид испуштен во атмосферата.

Хидроелектраната ќе има инсталирана моќност од 333-458 MW, за годишно производство од 1000-1200 GWh електрична енергија (ЕСМ сега вкупно годишно произведува околу 4000 GWh) и со  годишна заштеда од 913 000 тони на CО2.


Слично

Поврзани вести