ВЛАДАТА Е ПАРТНЕР НА БИЗНИСОТ: Мицкоски вели дека со добра бизнис клима сакаат да ги вратат оние кои ја напуштија Македонија
Владата е партнер со бизнис заедницата, сакаме да ги вратиме дома оние кои си заминаа од Македонија, рече премиерот Мицкоски по отварањето на новата хала на фирмата „Амфенол“ во Кочани.
„Ќе имаме нови 300 вработени, до година се планира нови 200 вработени, така што ќе се заокружи една бројка од 3700 вработени. За време на посетата можевме да видиме сето она што тука се работи, станува збор за една исклучително висока технологија, со голема додадена вредност на производот - тоа што нас ни е важно, бидејќи додадената вредност влијае врз БДП. Во новите две хали, оваа, но и таа што следната година ќе започне, ќе имаме исклучително висока технологија која одговара на најсовремените технолошки процеси. Задоволен сум што можам да кажам дека како влада поддржуваме директни инвестиции, домашни, странски инвестиции, не само преземајќи го институционалниот ризик, туку и финансиски. Во иднина планираме инвестицијата на Амфенол да се прошири и во други градови, така што за нас, компанијата претставува стратешки партнер. Сакаме да испратиме порака дека сме партнери со бизнис заедницата, со инвеститорите, без разлика дали се тоа домашни или странски“, вели Мицкоски.
Тој посочи дека во рамките на Советот за странски инвестиции се разговара отворено за проблемите и тие се решаваат.
„Меѓу проблемите се и усогласувањето на царинските ставки кои започнаа да се имплементираат 50 отсто од први јули оваа година, а останатите 50 отсто од 1 јули следната година. Генерално, ако ја заокружиме перспективата овде и во Македонија, можам да кажам дека неслучајни се индикаторите кои ги имавме во економијата во првиот квартал оваа година, но и третиот и четвртиот минатата година, кога веќе имаме три последователни квартали со раст од над 3 проценти, што претставува еден од водечките резултати во Европа според растот на БДП на државата. Продолжуваме да креираме добра бизнис клима и стабилност, за да имаме квалитетни и што повеќе работни места, оние кои ја напуштија Македонија да се вратат дома“, рече Мицкоски.
