Владата денеска носи важна одлука: Се либерализира пазарот на природен гас
Крешник Бектеши, министерот за економија, пред јавноста откри дека денеска Владата на седница ќе одлучи да го либерализира пазарот на природен гас во Македонија.
Тоа значи дека нема само „Макпетрол“ да ги снабдува потрошувачите со природен гас на основа на долгогодишниот договор со „Гаспром“. Преку гасоводот кај Деве Баир со кој Македонија е поврзана со Бугарија ќе може да се увезува овој енергенс од други компании.
„Денеска се носат соодветни одлуки, ќе има седница на Влада во 14.00 часот, ќе се ослободат одредени капацитети, што значи ќе се либерализира пазарот на природен гас“, објави Бектеши.
Тој изрази задоволство дека актуелната цена на природниот гас на берзите е повеќе од двојно помала во однос на изминатиот период и дека понудите на другите компании, кои патем не сакаше да ги објави, ги очекува до петок.Понудите ќе се однесуваат првенствено за работа на топланите во Скопје, а доколку се долгорочни, ќе се користат и за работата на гасната централа ТЕ-ТО.
„ЕСМ доставил писмо до Макпетрол и до другите заинтересирани компании до четврток, најдоцна до петок, да се достават понудите за месец ноември, зошто да не и до крајот на грејната сезона“, додаде министерот.
Со компанијата препорачана од ВМРО-ДПМНЕ договорот не е обврзувачки, наведе Бектеши, бидејќи ЕСМ очекува конкретна понуда со банкарски гаранции, цена, количини и услови.
„Кога ќе имаме таква понуда , тогаш ќе ја разгледаме, тоа е обврска на ЕСМ да ја одбре најдобрата, најповолната понуда“, рече тој.
