Владата бара волонтери
Канцеларијата на премиерот Никола Груевски и Генералниот секретаријат на Владата на јавен повик бараат неколку десетици волонтери, кои во текот на лкетниот период ќе волонтираат во овие институции.
Според владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев, повикот трае до 15 јуни, а на него можат да се пријават студенти од завршните години (3, 4 и 5 година) на факултетско образование. Право на учество имаат сите студенти независно од етничка, верска, полова и социјална припадност, или пак политичка ориентација, и независно од годината на студии, а особено студентите на правни, политички, економски и филолошки науки, и електро-технички науки.
Тие треба да ги поднесат своите апликации до архивата, апликацијата треба да содржи мотивациско писмо, куса биографија и фотокопија од нивниот индекс.
„По изборот на кандидатите кои ќе се стекнат со право на волонтирање во институциите, тие ќе ги посетуваат овие институции во периодот од 1 јули до 15 септември 2014 година, ќе вршат делегирани работни задачи согласно програмата и планот за волонтирање, и ќе придонесуваат во реализацијата на политиките и проектите на Владата. Бројот на лица кои ќе волонтираат не е фиксно определен и ќе зависи од бројот на пријавени кандидати, од нивните референци и интерес, но може да се каже дека во овие две институции ќе бидат ангажирани за волонтери неколку десетици лица. За време на своето волонтирање лицата ќе добиваат надомест за волонтирање согласно законот, кој изнесува помеѓу 4000 денари и 4500 денари, што значи дека нема да имаат трошоци во поглед на патување или исхрана или други издатоци во врска со волонтирањето. По завршувањето на волонтирањето, сите волонтери ќе добијат волонтерска книшка, која што има битно значење како референца во нивниот понатамошен професионален и кариерен развој“, објаснува Ѓорѓиев.
Владиниот портпарол истакнува дека на овој начин се потврдува отвореноста на Владата кон граѓаните и се јакне свеста за корисноста на волонтерскиот ангажман.
Слични огласи за ангажирање волонтери во изминатиот период објавија и повеќе министерства. Огласот на Министерството за финансии завршува денеска, а со него ќе бидат избрани 40-тина волонтери од правните и економските факултети. Избраните кандидати својата практична работа ќе ја извршуваат од 16 јуни до 15 септември.
