Владата бара стратешки партнер за „Еурокомпозит“
Стратешки партнер за решавање на проблемот и со „Еурокомпозит“, како со Тутунскиот комбинат „Прилеп“ бара Владата Република Македонија.
Премиерот Никола Груевски, денеска одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Прилеп, рече дека Владата со внимание е фокусирана кон решавањето на ситуацијата во „Еурокомпозит“ и оти верува дека ќе успеат во наоѓање решение на овој проблем.
„Во потрага сме по стратешки партнер. За овој проблем често разговараме на седници во Владата барајќи начини како да се помогне. Пред неколку денови имав состанок со министерот за инвестиции Џери Наумоф кој ме информираше дека пронашол одредени компании што имаат интерес да склучат договор за производство со „Еурокомпозит“. Во овие разговори вклучен е и заменик-министерот Христијан Делев, барајќи да најдеме стратешки партнер слично како со Тутунскиот комбинат. Будно ја следиме ситуацијата со „Еурокомпозит“ и верувам дека ќе успееме. Можам да ветам дека се ќе дадеме во тој правец“, изјави премиерот Никола Груевски, објави „Канал 5“.
