Економија, финансии, бизнис

Контакт

Влада со Бадентер – Последниот „голем“ потег на Ахмети

Влада со Бадентер – Последниот „голем“ потег на Ахмети

Али Ахмети повторно најде начин како да ги преплави македонските медиуми и барем накратко да го сврте вниманието кон интегративците со неговиот нов голем политички влог – избор на Влада со Бадентерово покрај апсолутно мнозинство во Собранието, но и други проширувања на Рамковниот договор.

Моментално како најдолговечен политичар на македонската политичка сцена тој реши повторно да застане на чело на ДУИ, наместо по двата последователни изборни порази да се повлече во политичка пензија и да ја препушти партијата на некои нови и надежни кадри.

ДУИ исто како и СДСМ не се соочи со сопствените сеништа и не влезе во процес на внатрешна катарза која ќе овозможи раѓање на нова политичка платформа. Напротив, партијата со седиште во Мала Речица реши да го „дуплира влогот“, постојано вршејќи притисок во меѓуетничките односи. Како расипан рингишпил од кој не може да се симнат, ниту Албанците со вечните „етнички“ барања, ниту Македонците со националистичката реакционерска реторика.

Ако главната цел на ДУИ и Ахмети е да ги „решат“ меѓуетничките проблеми на Македонците и Албанците, многу иронично успеваат да го постигнат спротивното. По 2001 година и прифаќањето на Охридскиот рамковен договор требаше да се апсолвираат повеќето етнички прашања, со заштита на националните, културните и образовните права на немнозинските заедници, но и заштита од маргинализација и мајоризација на локално ниво на секој „етникум“.

Но, етничкиот рингишпил постојано исфрлаше нови и нови теми кои ги обременија односите меѓу Македонците и Албанците, особено со глорификација на Рамковниот договор и триумфалистичкото негово интерпретирање од ДУИ. Откако ги исцрпија сите негови теми, сосема очекувано отидоа чекор подалеку, со барања кои не беа ниту замислени, а уште помалку прифатени тоа лето 2001 во Охрид.

Сепак, ДУИ е принципиелна во еден клучен став, а тоа е дека ја „бранат“ унитарноста на државата и новите барања не ги гледаат како создавање на паралелни државни институции, односно дека барањата се во „духот“ на Рамковниот договор.

ДУИ како партија која освои повеќе пратеници од албанскиот блок „ВЛЕН“ на своја кожа го почувствува изоставувањето од Владата, слично како ВМРО-ДПМНЕ во 2016 година кога имаше повеќе пратеници од СДСМ, но токму поради „корпата“ од Ахмети не успеа да формира Влада.

Нарушеното непишано правило „коалиција на победник со победник“ веќе двапати е прекршено, па сосема логично е ДУИ да бара механизам како да не и се повтори оваа ситуација, условно кажано да победи на изборите во албанскиот електорат во Македонија, а повторно да не биде вклучена во Владата.

Сепак, и кај албанските гласачи се покажа дека ваквата реторика на ДУИ е веќе видена и помалку досадна, бидејќи вечното проблематизирање на етничките прашања го трга фокусот од секојдневните реални проблеми на населението, како економски можности, образование, здравствена заштита, инфраструктура, култура, иновации и здрава животна средина. 

Х.С.

Слично

Поврзани вести