Влада: Нема пречка да им се помогне на државите кои имаат недостиг на рафинирано масло
Од Владата уверуваат дека нема да се наруши домашниот пазар со масло за јадење по вчерашната одлука да се дозволи повторно извоз на овој прроизвод кој често недостасува во маркетите и се продава по исклучително повисока цена во изминатиот период.
Алудирајќи на случајот со Албанија, од Владата велат дека тоа е во рамките на соработката и давање меѓусебна поддршка со земјите од регионот.
- Нема недостиг на масло за јадење во Северна Македонија. Произведувачите велат дека има доволно залигги во магацините. Нема пречка да се помогне на државите кои имаат недостиг со рафинирано масло. Склучените деловни договори ќе се реализираат и нема да се наруши пазарот со оваа одлука, рече денеска владиниот портпарол Душко Арсовски.
Албанската министерка за финансии, Делина Ибрахимај на заедничката прес-конференција со македонскиот министер Крешник Бектеши пред два дена најави увоз на сончогледово масло од Македонија, кое претходно главно се увезувало од Украина. Поради недостиг на масло за јадење во Албанија, таму цената е 3,1 евро по литар.
Владата на вчерашната седница донесе одлука да престане важноста на одлуката за ограничување на извозот на масло од сончоглед. Одлуката била донесена врз основа на констатираната состојба дека тековното домашно производство на масло од сончоглед редовно го снабдува домашниот пазар за потребите за широка потрошувачка односно за сервисирање на граѓаните, оти постоечките количини позитивно влијаат на стабилната состојба со овој основен прехранбен производ, како и дека нема потреба да се создаваат вишоци, односно залихи на масло од сончоглед за јадење.
Забраната за извоз на масло беше прват донесена на 10 март годинава заради сериозни нарушувања на домашниот пазар.
Според податоците од Државниот завод за статистика, минатата 2021 година од Македонија било извезено масло од сончоглед во вредност од околу 7 милиони евра, додека увозот на сончогледово масло изнесувал близу 32 милиони евра.
