Влада: АД ЕСМ ќе има 25 отсто удел во гасната централа во Александропулос
АД ЕСМ ќе се стекне со 25 отсто удел на сопственост во гасната централа во Александропулос која треба да се изгради во иднина и да произведува струја. Ова го соопшти Владата како заклучок од синоќешната седница.
Електрани на Северна Македонија и Национални енергетски ресурси, компанијата која ги гради магистралните гасоводи во Македонија, ќе склучат меморандуми за реализација на проектите Терминал на течен природен гас Александропулос и Гасна централа Александропулос, односно за вложување од страна на Северна Македонија во овие меѓународни проекти.
„Станува збор за Меморандум за соработка помеѓу „НЕР АД“ Скопје и „Копелозу Груп“ и Меморандум за соработка помеѓу „АД ЕСМ“ и „Гастрејд С.А.“ за закуп на капацитет во ЛНГ Терминалот, како и Меморандум за соработка помеѓу „АД ЕСМ“ и „ДАМКО ЕНЕРЏИ С.А.“ за стекнување на 25% удел во Александрополис Електрисити Продукшн С.А“, соопшти Владата.
За сите следни активности за реализацијата на овие проекти задолжени се „НЕР АД“ Скопје и „АД ЕСМ“ редовно да ја информираат Владата.
