Вкупно 49 луѓе штрајкуваат со глад, Универзитетот во Штип не презема ништо
Претседателите и секретарите на 23 регионални канцеларии на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) од утрово го започнаа штрајкот со глад, во знак на поддршка на тројцата професори од штипскиот Економски факултет кои сметаат дека бесправно не се унапредени во повисоки звања.
Заедно со тројцата професори, кои веќе сериозно ги чувствуваат последиците на своето гладување, бројот на штрајкувачи со глад од денеска се зголеми на 49.
Од регионалните канцеларии во Кочани и Штип штрајкуваат заедно со тројцата професори, а останатите во своите канцеларии низ Македонија.
Раководството на СОНК одлучи да се приклучи на штрајкот откако Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип не ја испочитува одлуката на Државниот просветен инспекторат да ги отстрани пропустите и да ги избере тројцата професори во повисоки звања.
Иако и официјално од денеска штрајкот доби на масовност, Универзитетот засега не го коментира. Последен пат УГД реагираше вчера, повикувајќи ги тројцата професори да го прекинат штрајкот и ветувајќи им дека по решението на Просветната инспекција ќе се постапи кон средината на август, по завршувањето на годишниот одмор.
За професорите кои штрајкуваат веќе 12 дена ова не е решение, туку уште еден обид за манипулација, бидејќи законскиот рок за нивниот избор истекува на 2 август, а потоа ќе треба да се распише сосема нов конкурс и постапката да започне од почеток.
Слично
