Вкупно 35 пациенти со труење биле примени во гостиварската болница
Седум ученици и пет вработени во Средното економско училиште во Гостивар попладнево биле примени на Клиниката за токсикологија во Скопје, откако биле затруени со непознат гас.
Според директорот на Клиниката Андон Чибишев, сите примени пациенти се во стабилна состојба.
„Сите се со лесна клиничка слика, со лесна симптоматологија“, вели Чибишев.На затруените, како што вели, им е земена крв, и се прават токсиколошки анализи за да се утврди за каков гас се работи. Вечерва затруените пациенти на Клиниката за токсикологија ги посети и премиерот Никола Груевски. Попладнево 28 ученици и седум професори и технички персонал се примени во гостиварската болница со симптоми на гадење, проблеми во дишните органи и солзење, јави МИА. Директорот на гостиварската болница, Ферит Муча изјави дека дванаесет од нив биле со потешки симптоми и се испратени на Клиниката за токсикологија во Скопје. Другите пациенти се стабилни, но се следи нивната состојба. Според изјавите на примените пациенти, непознато лице околу 15 часот фрлило непознат гас во училиштето, по што почувствувале печење во очите и гушење. Полицијата работи на расветлување на случајот.
Слично
