„Витило“ ќе инвестира нови 10 милиони евра во земјава
Италијанската индустриска групација „Витило“ ќе инвестира нови 10 милиони евра во земјава во третата фаза од планираната инвестиција, соопштија од Владата. Премиерот Зоран Заев и Јован Деспотовски, директор на Дирекцијата за ТИРЗ, се сретнале со раководството на компанијата, сопственикот и управител Антонио Витило и Чиријако Ло Конте, директор на „Витек Македонија“.
Од кабинетот на премиерот соопштуваат дека претставниците на италијанска групација „Витило“, позната во автомобилската индустрија, ќе инвестирале во градење и во нови машини за потребите на автомобилската индустрија и на други индустрии, а производството од нашата земја е наменето за цела Европа, земјите на Заливот и САД.
„При тоа е планирано зголемување на работните места за една третина од постоечкиот број вработени, кои, според соопштените информации земаат натпросечна плата во државава и на кои, минатата година, во време на пандемија, им биле зголемени платите за 16 проценти, стои во владиното соопштение.
Не е соопштено кога ќе биде потпишан договорот.
„Ние сме цврсто фокусирани кон отворањето нови работни места, раст на економијата. Се покажавме како пријателска држава во регионот, којашто генерира политики на пријателство и веруваме дека тоа влијае на интересот за инвестирање овде. Нé радува вашата одлука за новата инвестиција и во Република Северна Македонија и вие гледајте голем пријател и можности за соработка на принципиелно ниво“, рекол премиерот Заев.
На состанокот, директорот Деспотовски презентирал детали за новата инвестиција, како и за разговорите за поддршката од државата за нејзина реализација. Како што беше истакнато, оваа инвестиција е дел од новиот пристап во работењето на Дирекцијата за ТИРЗ со анализа, но и значително покуси рокови за подготовка и склучување договори. Премиерот Заев и претставниците на италијанската компанија се согласија дека ваквиот пристап ќе значи и нов квалитет, поголема сигурност, а со тоа и повеќе странски инвестиции во Република Северна Македонија.
