Економија, финансии, бизнис

Контакт

Витаминка со нов раст на приходите, плановите не се рализирале целосно - ценовниот притисок ја кочи добивката

Витаминка со нов раст на приходите, плановите не се рализирале целосно - ценовниот притисок ја кочи добивката

Кондиторската компанија „Витаминка“ АД Прилеп во првиот квартал од 2026 година оствари позитивен финансиски резултат, но работењето се одвивало под силно влијание на зголемените трошоци и нестабилните глобални услови. 

Компанијата пријави вкупни приходи од 1.050.008 илјади денари или околу 17,07 милиони евра,  при што постигнале раст од 14 проценти во однос на истиот период минатата година. Како што е истакнато во извештајот објавен на Македонска берза, дури 99 отсто од приходите доаѓаат од основната дејност – продажба на производи и услуги.

Но, од компанијата истакнуваат дека вкупните расходи достигнаа 1.073.075 илјади денари или околу 17,44 милиони евра, при што забележале раст од 20 проценти на годишно ниво што укажува на зголемен притисок врз трошочната страна. И покрај тоа, компанијата оствари добивка по оданочување од 13.876 илјади денари или околу 225 илјади евра, што е минимално зголемување од 1 отсто во споредба со лани.

Во извештајот од компанијата откриваат дека не успеале целосно да го реализираат планираниот обем на приходи, со исполнување од 77 проценти од планот. Причините се лоцирани во растот на цените на клучните репроматеријали и последователниот притисок врз продажните цени, особено на странските пазари. Во услови на воен конфликт на Блискиот Исток и нестабилност на глобалните пазари, дел од купувачите не ги прифатиле повисоките цени, што ја натерало компанијата да ги задржи цените на пониско ниво за да ја зачува својата пазарна позиција.

- Остварените единечни вкупни приходи во првиот квартал од 2026 година изнесуваат 1.050.008 илјади денари, што во споредба со планираните приходи од 1.370.600 илјади денари претставува исполнување од 77% од планот. 

Непотполното реализирање на планираните приходи првенствено се должи на зголемените цени на одредени клучни репроматерјали, што создаде дополнителен ценовен притисок врз формирањето на продажните цени на готовите производи на странските пазари предизвикани од воениот конфликт на Блискиот исток. 

Предложените повисоки продажни цени не беа целосно прифатени од одредени пазарни сегменти, особено на ценовно сензитивните пазари, што услови потреба од задржување на цените на пониско ниво со цел зачувување на пазарната позиција и долгорочните деловни односи - се појаснува во извештајот објавен на берза. 

Во него е исто така нагласено, дека растот на приходите е поддржан од зголемената продажба на сончогледово масло на странските пазари, што помогнало да се ублажи падот кај останатите производни категории.

Воедно од компанијата нагласуваат дека се работи во услови на умерена инфлација од околу 3 до 4 отсто и стабилизирани макроекономски движења во Македонија, но внимателно ги следат глобалните ризици, особено геополитичките случувања. Од Витаминка посочуваат дека остануваат фокусирани на навремена проценка на ризиците и преземање мерки за одржување на стабилноста на деловните процеси, со цел да го зачуваат растот и позицијата на пазарите.

Слично

Поврзани вести