„Витаминка“ лани дома ја зголеми продажбата за 2 милиони евра до 15,2 милиони евра
И покрај силниот раст на пазарна позиција дома и во странство, популарната прилепска компанија лани заврши со преполовена добивка во однос на 2013 година заради 1,53 милиони евра трошоци во ставката „останати расходи“!
Прилепската прехранбена компанија „Витаминка“ ланската година ја заврши со добивка од 53 милиони денари што претставува 45 отсто од добивката што компанијата ја оствари во 2013 година, покажува официјалниот неревидиран и неконсолидиран биланс на успех што компанијата го објави на Македонската берза за хартии од вредност. Секоја акција на „Витаминка„ за лани носи добивка од 685 денари што претставува околу 8 отсто потенцијален принос на последната цена постигната на берзата.
Во најголема мерка овој финасиски резултат на успешната македонска извозна компанија „Витаминка“ се должи на трошокот од 94,4 милиони денари (1,53 милиони евра) што компанијата го книжи во ставката „останати расходи од работењето“. Во 2013 година во таа ставка „Витаминка“ нема расход, а во објаснувањето што компанијата го пласираше до берзата нема објаснување на што се должи трошокот од 1,53 милиони евра во ставката останати расходи во работењето. „Фактор.мк“ пред три дена побара објаснување од „Витаминка“, но до објавувањето на текстот не добивме одговор на прашањето за природата на ставката „останати расходи од работењето“.
Сите други финансиски показатели на „Витаминка“ укажуваат на раст на продажби и на освојување на домашниот и на странските пазари. Вкупните приходи од од продажба лани изнесуваат 1,627 милијарди денари бележат раст од 8 отсто односно 122,8 милиони денари или околу 2 милиони евра повеќе во споредба со 2013 година. „Витаминка“ значајно ја подобрила својата позиција на домашниот пазар и тоа во прилично силната конкуренција успеала да ја зголеми својата продажба за 11 отсто до износ од 934,2 милиони денари. Растот е 94,6 милиони денари безмалку 1,5 милиони евра повеќе во споредба со 2013 година.
Солиден раст бележат и приходите од продажба на странските пазари и тоа за 28,2 милиони денари околу 460.000 евра повеќе од истиот период во 2013 година.
На расходната страна забележлив е мал процентуален раст на трошокот за суровини и други материјали од 2 отсто односно 15,5 милиони денари до ниво од 914 милиони денари. Најзначаен раст на трошокот има кај ставката трошоци за вработени и таа лани изнесува 265,4 милиони денари и бележи раст од безмалку 30 милиони денари во однос на 2013 година. Како што е опишано во образложението на билансите објавено на берзата трошокот за вработени се должи на тоа што лани компанијата има 30 нови вработувања.
Во делот на побарувањата евидентно е дека лани тие останале на ниво од безмалку исто како и во 2013 година и изнесуваат 288,6 милиони денари. Голем процентуален раст има кај ставката „останати побарувања“ кои од 32,9 милиони денари во 2013 година пораснале на 85,3 милиони денари во 2014 година. Истовремено компанијата успеала да ги намали износите на своите вкупни обврски за 30 милиони денари од 401 милиони денари во 2013 година на 371,2 милиони денари лани. Компанијата на крајот на минатата година има акумулирана добивка од 466,8 милиони денари што претставува раст од 8 отсто во однос на нивото од 2013 година.
„Витаминка“ е една од најбрзо растечките акции на нашиот пазар на капитал во изминатава година. Според официјалните податоци во период од една година таа акција пораснала од 5.851 денар до 9.001 денар за акција. Последната пазарна цена е 8.860 денари за акција. Најголеми акционери се членовите на семејството Наумоски, кои заедно поседуваат 41,97 отсто од акциите, и тоа: Симон претседател на Управен одбор и најголем поединечен акционер со 29,83 отсто од акциите, неговиот син Сашо генерален директор со 6,97 отсто од акциите и Марика Наумоска со 5,17 отсто од капиталот на „Витаминка“. Од членовите на врвниот менаџмент акционери се уште и : Стеван Игнатоски заменик – генерален директор сопственик на 5,94 отсто од акциите и Наташа Стојкоска , член на Управниот одбор и сопственик на 5,08 отсто од акциите. Меѓу покрупните акционери е и Кирил Божиноски со сопственост врз 5,99 отсто од акциите. Во акционерската структура на „Витаминка“ акции поседуваат уште и 247 домашни физички лица кои делат 34,47 отсто од акциите со право на глас. Во „Витаминка“ 6,2 отсто од акциите поседуваат и 15 домашни правни лица.
Оваа компанија лани додели дивиденда од 206 денари за акција, а во 2012 година дивидендата беше 221 денар за акција.
Слично
