Вистинската цена на депресијата: фармакоекономски агол
Автор: Филип Ачкоски, м-р по фармација, д-р по бизнис администрација, извршен директор во фармацевтска индустрија, медицински писател и здравствен едукатор со повеќе од 20 години искуство на пазарите во Југоисточна Европа. ТопЕдукатор.
Дали, во Македонија, депресијата е потценета како заболување?!?
Депресијата кај нас многу често се перцепира како „психолошки/ментален проблем“, но ретко се согледува нејзината вистинска медицинска и економска тежина. Од фармакоекономски аспект, депресијата е една од најскапите хронични состојби – не само за здравствениот систем, туку и за целото општество. Прашањето кое мора да го поставиме е: Колку нè чини депресијата кога не ја третираме соодветно?
Скриениот товар на депресијата
Депресијата е болест со двоен товар: медицински и економски. Таа се карактеризира со многу чести релапси после ‘’излекувањето’’ и е една од водечките причини за инвалидитет во светот, одговорна за огромни индиректни трошоци:
· Намалена продуктивност на работното место;
· Чести отсуства поради боледување;
· Прерано напуштање на пазарот на труд;
· Поголеми ризици од самоубиство и поврзани здравствени компликации.
Инфо-бокс:
Светската здравствена организација проценува дека депресијата и анксиозноста ја чинат глобалната економија над 1 трилион американски долари годишно поради намалена продуктивност.
Македонија и регионалниот контекст
Иако нема конкретни македонски бројки за негативниот економски ефект од депресивните заболувања, знаеме дека околу една од три тинејџерки имаат симптоми на депресија во периодот после COVID-19 пандемијата. Овој висок процент сугерира дека ако истиот тренд се екстраполира и на возрасната популација, економските и општествените последици се многу сериозни.
Недоволната дијагностика, ограничениот пристап до современи терапии, недоволната комплијанса на препишаната терапија и многу често - криењето на проблемот поради страв од осудата на околината, значи дека голем број луѓе живеат и работат со нелекувана или слабо третирана депресија. Ова резултира со:
· Зголемени трошоци за социјална поддршка и инвалидски пензии;
· Ниска работна ефикасност;
· Тешко мерливи, но значајни загуби за приватниот сектор и националната економија.
Зошто раната дијагностика и квалитетниот третман на депресијата е исплатлива инвестиција?
Фармакоекономските анализи јасно покажуваат дека инвестицијата во рана дијагностика и современ третман на депресијата (фармацевтски и психотерапевтски) носи значајни заштеди. Правилниот третман значи:
· Намалување на потребата од хоспитализации;
· Намалување на бројот на денови на боледување;
· Подобрување на квалитетот на живот и продуктивноста.
Статистичка забелешка:
Според студиите, за секое 1 евро вложено во третман на депресија, општеството добива поврат од 4 евра преку зголемена продуктивност и намалени здравствени трошоци.
Што спречува поголема терапевтска покриеност на депресивните епизоди во Македонија?
· Стигма и недоволна свест кај населението;
· Ограничен пристап до современи антидепресиви и психотерапија преку ФЗОМ;
· Недоволна интеграција на менталното здравје во примарната здравствена заштита.
Овие фактори резултираат со тоа што најголемиот дел од економскиот товар на депресијата паѓа директно врз пациентите, нивните семејства и компаниите каде што работат.
Заклучок
Депресијата не е само медицински проблем – таа е и сериозен економски предизвик. Вистинската цена на депресијата не се гледа само во здравствениот буџет, туку и во изгубените работни часови, падот на продуктивноста и нарушената социјална кохезија.
Ако сакаме одржлив економски раст и здраво општество, современиот и сеопфатниот третман на депресијата не треба да се гледа како трошок, туку како најисплатлива инвестиција. Македонија мора да ја сфати депресијата сериозно – не само како здравствена состојба, туку како економски фактор кој го одредува нејзиниот развој.
