Економија, финансии, бизнис

Контакт

Вистината за Мартин Нешкоски-незарасната рана која пече во гради!

Вистината за Мартин Нешкоски-незарасната рана која пече во гради!

Мартин Нешкоски (Скопје, 16 август 1989 – Скопје, 6 јуни 2011). Нешкоски е момчето кое беше брутално претепано до смрт од страна на припадник на специјалните полициски сили „Тигри“ на плоштадот „Македонија“ во Скопје за време на одржување на прославата на изборната победа на владејачката политичка партија ВМРО – ДПМНЕ на предвремените парламентарни избори во 2011 година. Семејството на убиениот Нешкоски за неговата смрт дозна од медиумите дури два дена после неговото бруталното претепување. 

 „Бомбата“ во проектот „Вистината за Македонија“ која лани ја презентираше лидерот на СДСМ, Зоран Заев ја отвори пандорината кутија за случајот Мартин Нешкоски и предизвика низа протести во главниот град.

Претепан до смрт, безживотното тело на Мартин неколку часа останало на клупа на плоштадот Македонија. Името на осомничениот МВР го објави два дена подоцна, на 8 јуни. Игор Спасов, припадник на специјалната единица Тигри. Неколку месеци подоцна следуваше и обвинение.

Protest Martin Neskovski 06.05.2015 1

ЕДНА ГОДИНА ОД БОМБАТА НА ЗАЕВ КОЈА СЕ ПРЕЛЕА НА УЛИЦИТЕ ПО ДОЗНАВАЊЕТО ДЕКА НАДЛЕЖНИТЕ СЕ ОБИДЕЛЕ ДА ГО СОКРИЈАТ УБИСТВОТО

Денеска се одблежува една година од протестите за Мартин Нешкоски кои почнаа лани а завршија со тепање и апсење низ скопските улици.

Седум од вкупно деветте обвинети  добија условни казни од 3 месеци, еден од нив доби условна казна од 1 година и еден од обвинетите е осуден на 10 месеци затвор, бидејќи е веќе осудуван за слично дело.

Осудениот на затворска казна е вујко на Мартин Нешкоски кој и претходно бил осудуван за кривично дело „учество на толпа“.

Отежнителна околност за него е што обвинетиот го сторил кривичното дело додека бил на условна казна за истото дело.

Претходно, девет демонстранти кои што беа обвинети за „учество во толпа што ќе спречи службено лице во извршување на службени дејствија“, на протестите кои се случија пред Владата на 5 мај, пред судот ја признаа вината.

Сите деветмина се изјаснија дека се виновни и дека вината ја признаваат без никаков притисок, јави репортерот на Макфакс.

Адвокатот на петмина од демонстрантите, Мирослав Вујиќ, побара судот да ја земе во предвид состојбата во која се наоѓал вујкото на Мартин Нешкоски како дел од семејството кое изгубило близок член.

Во извештајот на „Хјуман рајтс воч“, пак, беше констатирана полициската бруталност на протестите на 5 мај, односно дека полицијата употребила прекумерна сила за време на протестот.

Protest Martin Neskovski 06.05.2015 12

МВР ГО КРИЕШЕ НЕМИЛИОТ НАСТАН

Официјалните претставници на МВР во почетокот овој случај го прикриваа од јавноста, но серијата протести на малди луѓе низ улиците на Скопје, официјалните лица на МВР беа приморани да ги откријат (не)вистинските причини за овој настан.

Во почетокот МВР на прашањата на новинарите излезе со тврдење дека не знае за таков случај, подоцна соопшти дека имало случај, но на момчето му се слошило и починало од природна смрт без видливи траги на насилство. Директорот на Судска медицина Алексеј Дума обзнани дека „момчето починало поради крварење во мозокот, откако примил неколку удари во главата“, додека траела обдукцијата на Нешкоски во понеделникот наутро, до 12 часот и 30 минути, таму биле и претставници на МВР иако неколку часа порано на прес конференција портпаролот на МВР Иво Котевски изјави дека „Таков настан воопшто не е пријавен во МВР и доколку имате било какви сознанија и информации ви стоиме на располагање за да го пријавите настанот.“

„Од страна на Секторот за внатрешни работи – Скопје, по дознавање на настанот, излезено е на лице место, известен е дежурен Истражен судија и Јавен обвинител, кои не излегле на лице место, а увидот го препуштиле на одделот на криминалистичка техника при СВР – Скопје “, изјави тогаш министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска што пак беше контрадикторно со првичната изјава на портпаролот дека МВР не знае за овој случај.

ТИГАРОТ СПАСОВ ОСУДЕН ЗА УБИСТВОТО НА МАРТИН НЕШКОСКИ

Кога Игор Спасов стаса до судница, судењето траеше неколку месеци. Беа сослушани над 30 сведоци. Секој сведок со своја приказна. Сите се виделе, но и ништо конкретно не запомниле. Се појавија и сведоци кои биле директни учесници во дел од настанот, кои дури при крај на процесот отворија битни елементи од кои се расчистува полека случајот кој ја потресе целокупната јавност во земјава. Спасов упорно тврдеше кога се соочуваше со своите колеги дека бил на задача кога го бркал Нешкоски, но не го убил. Се обидуваше да докаже дека некој друг е оној кој го задал смртоносниот удар над носот на Нешкоски, од што се создало внатрешно крварење.

„Малиот, го немам видено никогаш порано. Немав никаков мотив за да го убијам, и тоа пред две илјади луѓе. Јас не сум применил физичка сила врз него, а не, пак, прекумерна физичка сила. Малиот беше во бесознание. Да знаев дека така ќе заврши работата, јас на раце ќе го однесев до Градската болница. И не е точно дека доброволно сум се пријавил. Јас само доброволно дојдов во МВР за да појаснам што се случи таа ноќ. Повторно ќе кажам: Ставете ме на полиграф и ќе се уверите дека е точно се’ што говорам!“, сведочеше на почетокот на судскиот процес сега веќе осудениот Игор Спасов.

martin neskovski

ВИСТИНА НИЗ СВЕДОЧЕЊЕТО НА СПАСОВ

„На петти јуни бев ангажиран со задача за обезбедување во критични реони. Тој ден бев во Куманово. Околу 23 часот се вратив во базата која, по правило, треба да ја напуштам по полноќ. Но, околу 23, 30 часот добив усна наредба, односно телефонски бев известен дека јас и тимот, од 15-тина луѓе кои цели две недели бевме ангажирани околу изборите, треба да се упатиме кон штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Мојот старешина замина со „форд мондео“, а јас со мојот мотоцикл „јамаха“. Кога се собра целата група, добивме задача да обезбедуваме во еден поширок круг“, изјави на 02 ноември 2011 година Игор Спасов. Тој рече дека ноќта биле ангажирани за обезбедување на премиерот и на министрите, најпрво пред домот на АРМ, а потоа до плоштадот „Македонија“ и до бината на којашто требало да говорат ВИП-личностите.

Полицискиот специјалец Игор Спасов во завршните зборови на судскиот процес рече дека тој не го убил Мартин Нешковски.

„Господ ми е сведок дека не го убив Мартин Нешковски“, рече Спасов, откако претходно Обвинителство побара од судот тој да биде осуден за убиството на Нешковски. “Со чисто срце можам да кажам дека јас не го убив малиот Мартин-Ако сакате обвинет тука стојам пред вас, но ако ја сакате вистината тогаш не гледајте во мене. Ова е најмногу што можам да кажам. И јас имам семејство и две мали деца и ве молам да ме разберете. Со ова не сакам да се амнестирам од одговорност“, ијзави во февруари 2012 година Спасов, гледајќи ја мајката на Мартин во очи. На неговите зборови, таа возврати -„Кажи тогаш кој е убиецот“. Кривчниот суд сепак пресуди дека тигарот е виновен, Спасов беше осуден на 14 години затвор.

„БОМБАТА“ НА ЗАЕВ ГИ ОТВОРИ НЕЗАРАСНАТИТЕ РАНИ 

Protest Martin Neskovski 06.05.2015 6

Нешкоски беше погребан на гробиштата во село Нерези во присуство на членови од неговото семејство, пријатели и граѓани кои сакале да му оддадат последна почит. Смртта на Нешковски ги крена на нозе сите. Еден ден по убиството група граѓани се собраа пред фонтаната во Градскиот парк од каде се упатија кон полициската станица Беко каде бараа одговори.

Протестите продолжија и следните денови. Секој ден во 18 часот тие маршираа по улиците на главниот град, тргнувајќи од спомен-куќата на Мајка Тереза. Бараа до крај да се расветли убиството на Нешкоски, да бидат казнети сите што на некој начин го прикриваа овој инцидент и во иднина да има поголема контрола на специјалните полициски сили.

КРИМИНАЛНАТА ВЛАСТ НЕ СПРЕЧИ ДА ОТКРИЕМЕ КОЈ ГО УБИ БРАТ МИ

brat-martin1

Братот на починатиот Мартин Нешкоски, со отворено писмо побара специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева да го земе случајот во нејзини раце и отвори постапка за целосно расчистување на убиството на неговиот брат.

Александар Нешковски бара расветлување, на како што вели, прикривањето на убиството на неговиот брат и рече дека тој и други сведоци може да ги потврдат неговите наводи за случајот.

“Пријавените лице ги злоупотребија сите механизми и сета моќ кои им беа на располагање и успеаја да креират една лага во која никој повеќе не верува. Во прикривањето на фактите учествуваа многу поголем број луѓе, преку фингирање на истрагата, лажно сведочење, различни притисоци и обиди за поткуп а јас сум сигурен дека правилно спроведената истрага, може да ја потврди нивната инволвираност” – пишува Нешкоски во писмото до Јанева.

СЈО ГО ИСТРАЖУВА УБИСТВОТО НА МАРТИН НЕШКОСКИ

Тимот на специјалната обвинителка, Катица Јанева го испитува случајот за убиството на Мартин Нешковски, кој беше претепан до смрт од полицаец на должност за време на прослава на ВМРО-ДПМНЕ на скопскиот плоштад пред 4 години.

Ова го потврди и самата специјална обвинителка Јанева.

„Сите се во преглед на разгледување, кога ќе добиеме конкретни информации ќе излеземе на прес-конференција” – рече специјалната обвинителка.

Специјалното јавно обвинителство досега се прогласи за надлежно за 36 предмети, а предметот за Нешкоски е поднесен до специјалното обвинителство на барање на братот на починатото момче.

Protest Martin Neskovski 06.05.2015 10

ПРОВЛАДИНИТЕ МЕДИУМИ ОДБИВАА ДА ИЗВЕСТУВААТ ЗА СЛУЧАЈОТ НЕШКОСКИ

На денот на настанот ниту еден провладин медиум не известуваше за случајот, а сите коментари на нивните вебсајтови беа експресно бришани. Постоеа дури и обиди за оправдување на бруталноста со тоа што починатиот Нешкоски бил портретиран како пијаница, наркоман, крадец. Најпрво за овој инцидент известуваше Нетпрес и А1 телевизија.

И.С.

Слично

Поврзани вести