ВИСТЕОН ЕЛЕКТРОНИКС: Заминуваат или се премислуваат?
Нема одговор од менаџерите на Вистеон Електроникс Македонија – на прашањето дали се затвора фабриката во Бунарџик. И два дена по објавување на информацијата, од компанијата не испратија одговор. Дел од владините претставници брифираат дека компанијата ќе прати соопштение најверојатно во текот на денешниот ден и ќе информира за натамошните планови.
Директорот на Агенцијата за странски инвестиции, Климент Шеќеровски, вели дека тие немаат добиено официјална информација од Вистеон Електроникс Македонија за можно напуштање на зоната во Бунарџик.
„Би сакал да Ве информирам дека од самиот влез на компанијата во Република Македонија како институција воспоставивме и континуирано негуваме одлична соработка со за нас многу значајна и светски позната компанија по чиј влез започна позитивен тренд на влез на нови компании во технолошко индустриските развојни зони ширум земјата. За деловната политика на компанијата и кои се нејзините идни планови во однос на инвестицискиот проект во Бунарџик, би Ве упатил на став од менаџментот на компанијата, а до Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот не е доставена никаква официјална информација за било каква промена поврзана со инвестицискиот проект на Вистеон Електроникс во Република Македонија и воедно да Ве информирам дека компанијата сеуште има активен долгорочен договор за закуп на градежно земјиште со Дирекцијата за технолошки индустриските развојни зони,“ вели Шеќеровски.
Во истовреме, Комисијата за заштита на конкуренцијата води постапка против оваа компанија, бидејќи постојат сериозни сомнежи за злоупотреби со државната помош што ја добивала во периодот од 2007 до 2012 година, кога фабриката во Бунарџик беше во сопственост на Џонсон Контролс, а од минатата година, истата фабрика е во сопственост на корпорацијата Вистеон. Постапката е почната во јуни годинава, но се уште нема конкретна одлука за дали сомнежите на Комисијата за заштита на конкуренцијата се исправни. Оттаму велат:
„Постапката е во тек. Комисијата сеуште нема донесено решение, но кога решението ќе биде донесено истото ќе биде објавено на интернет страната на Комисијата за заштита на конкуренцијата од каде ќе може да видите што утврдила Комисијата во конкретната постапка,“ велат во писмената реакција од Комисијата за заштита на конкуренцијата.
Фабриката што сега е во сопственост на Вистеон Електроникс, всушност беше првата фабрика што се отвори во слободната економска зона Бунарџик, на крајот на 2006 односно 2007 година, по што лани поради превземања на глобален план фабриката премина во сопственост на корпорацијата Вистеон.
Оваа фабрика, за сите години работење, односно од 2007 па се до крајот на минатата година, има загуба од околу 2 милиони евра.
Р.Ф.
Слично
