Висњиевски: Русија покажува мускули преку Балканот
Зошто руската „мека моќ“ во Србија е толку добро прифатена? Дали игра Кремљ на картата на словенскиот идентитет, историјата на регионот? Зошто Брисел нема кохерентен наратив за Балканот во Европската унија? И се заканува ли опасност на ЕУ поради занимавање со кризата во сопствениот двор, да ја изгуби поддршката и влијанието во регионот на Западен Балкан, кој го остави на „автопилот“? За овие теми зборува Јарослав Висњиевски, професор на „London school of economics“, во интервју за Радио Слободна Европа.
Според професорот, руското влијание на Балканот, иако не е за потценување, доста се нагласува.
„Тоа е така затоа што локалните балкански политичари го користат сакајќи да го свртат вниманието на светските сили кон овој регион, со цел остварување на своите политички и национални цели. Не верувам дека Балканот ќе стане руско игралиште. Мојот впечаток е дека главната цел на Кремљ е да покаже мускули со цел да се види дека Русија повторно е влијателна“, вели Висњиевски.
На прашање дали е мудро што во време кога Русија ја интензивира својата „мека моќ“ во регионот, Брисел практично покажува дека Западниот Балкан е турнат на маргините, професорот вели: „Лично сметам дека не е, но останува фактот дека сега дефинитвно нема политичка волја за проширување. Наместо тоа, имате различни европски иницијативи чија цел е да се одржи проевропскиот курс на Србија, односно да се порача дека на Европската унија и е битно Србија да стане членка во иднина, но како што реков, се додека не видиме јасна политичка волја дека навистина се турка процесот на проширување, ќе остане статус квото, односно ситуацијата во која сме сега“.
Според него, Русија е главно заинтересирана поради регионот затоа што ќе биде нареден правец за ширење на ЕУ, без оглед кога тоа ќе се случи, како и поради желбата да се врати на старата политика на гасоводот.
