Вишеградската група ќе се фокусира на интегрирање на Западниот Балкан
Проширувањето на Европската унија со земјите од Западниот Балкан е на агендата на полското претседавање со Вишеградската група.
Примопредавањето на претседавањето од Чешка на Полска денеска беше свечено одбележано и во Скопје. На свеченоста полскиот амбасадор во Македонија, Јацек Мултановски објасни дека ќе се фокусираат на јакнење на позицијата на Вишеградската група во ЕУ, поврзување, идентитет и помирување, како и регионалната соработка која го вклучува и интегрирањето на Западниот Балкан во ЕУ.
„Процесот на проширување со земјите од Западен Балкан е најдобра алатка за негова стабилност и просперитет“- изјави Мултановски.
За тоа како Брегзит ќе влијае врз процесот на проширување на Унијата и аспирациите на земјите-кандидати одговори дека е рано да се прават проценки, но акцент треба да се стави на надминување на последиците.
Рече дека Полска и Вишеградската група остануваат поддржувачи на Македонија за членство во НАТО и ЕУ, но оти очекуваат и земјава да си ги заврши обврските.
Чешкиот амбасадор, Мирослав Рамеш, на примопредавањето подвлече дека со Брегзит ништо не е завршено и оти животот продолжува, дека една земја си замина, што не значи дека друга не може да биде прифатена.
Рамеш е убеден дека земјите од Вишеградската група ќе продолжат да ја поддржуваат Македонија на патот кон ЕУ.
