Економија, финансии, бизнис

Контакт

Викторија Нуланд во Скопје – какви пораки донесе?

Викторија Нуланд во Скопје – какви пораки донесе?
Од спорот околу името до случувањата во Македонија на меѓуетнички план - широк распон на теми опфати помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања Викторија Нуланд при нејзината посета на Скопје денеска. САД ќе продолжат да го поттикнуваат процесот за изнаоѓање на решение за името, со што Македонија ќе си го добие заслуженото место во НАТО и ЕУ, порачала Нуланд на средбите со претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Никола Груевски, шефот на дипломатијата Никола Попоски и со лидерот на ДУИ Али Ахмети. „Ние силно ги поддржуваме вашите напори во насока на решавањето на прашањето за името преку процесот на ООН. Ја потврдуваме желбата на САД да бидат вклучени онолку време, колку што се ангажирате за решавање на прашањето, со цел Македонија целосно да ги реализира евро – атлантските аспирации преку НАТО и ЕУ“, рече Нуланд по средбата со Груевски. Македонија продолжува да ги спроведува реформите кои треба да ја доближат до евроатлантските институции, рекол премиерот. „Потребно е двете земји да пристапат кон ефикасно решавање на спорот со добра волја и со желба за успех во склад со демократските принципи и меѓународното право, а во контекст со пресудата на Меѓународниот суд за правда од 2011 година“, рече тој. Во контекст на последните случувања во земјата на меѓуетнички план и ескалацијата на новите тензии по пресудата за петкратното убиство кај Смилковското Езеро, Нуланд побара јакнење на односите меѓу заедниците и промоција на соживотот. „Ние одамна ја поддржуваме визијата на интегрирана Македонија, вие имате посебна одговорност тука во регионот да станете пример за тоа како албанската и македонската заедница заедно живеат во мир и просперитет. За тоа треба многу работа, можности за двете страни. Ги охрабруваме двете страни да работат заедно, да воспоставите златна средина за овој регион, за мирот, безбедноста, хармонијата, меѓуетничката соработка и единство, така што Македонија ќе стане посилна“, рече Нуланд. Со македонските власти таа разговарала и за македонско-американската соработка во повеќе клучни области. Посетата на Нуланд во Скопје е дел од нејзината поширока турнеја низ регионот, но и во неколку европски земји.
Слично

Поврзани вести