ВИКТОР МИЗО, ПОТПРЕТСЕДАТЕЛ ВО „КОСТАЛ ГРУПАЦИЈАТА“ И ГЕНЕРАЛЕН МЕНАЏЕР НА „КОСТАЛ МАКЕДОНИЈА“: Одиме напред и покрај предизвиците
Со надеж за нова поуспешна година, со желби за подобро здравје за сите, крајот на оваа година традиционално го одбележуваме со серија обраќања на познати бизнисмени, банкари, претприемачи, директори на компании, брокери, или со еден збор сите релевантни чинители од домашната деловната заедница.
Неизвесноста која се наметна со пандемијата, продолжи низ годините, сега, пак, најмногу изразена преку високите цени на енергенсите и инфлацијата. Фактор во деновите пред и после Новата година со читателите ги споделува обраќањата на првите луѓе на најуспешните компании, фондови, консултанстки друштва...
Денеска ги пренесуваме за вас впечатоците и очекувањата на Виктор Мизо, потпретседател во „КОСТАЛ Групацијата“ и генерален менаџер на „КОСТАЛ Македонија“.
Минатата недела додека ја испраќав новогодишната порака до тимот на „КОСТАЛ Македонија“, ја читав и пораката испратена минатата година во истово ова време и согледав дека можам да напишам една многу слична порака и овој пат.
Но, што друго се случи оваа година која изминува? Пред се, тоа беше конфликтот во Украина, кој во период од неколку месеци, многу директно и негативно ја погоди автомобилската индустрија во Европа, а со тоа и нашето работење. Ова влијание сеуште трае, и не се гледаат знаци за брза разрешница. Растот на цените на енергенсите, како и инфлацијата, ги чувствуваме сите ние – не само на работното место, туку многу повеќе и дома. Проблемите со чиповите, иако можеби имаше мало подобрување, нѐ афектира оваа, сигурно ќе не афектира и следната година, а најверојатно и подолго. Ефектите на Ковид пандемијата се сѐ помали (после цели три години). Дури и Кина прогласи целосно „отварање“, без карантини и напуштање на политиката на нулта Ковид толеранција во изминативе неколку дена. Од друга срана, тоа дирекно придонесе до затворање на многу фабрики и намалување на економската активност поради оргомен број на заразени лица. Истовремно, ова дополнително ќе влијае врз пролонгирање на притисоците врз синџирите на снабдување.
Очекувања за наредната година
Во идната година, автомобилскиот сектор во Европа конечно ќе има благ раст, после некокугодишен континуиран пад. Но пред се ќе има раст на продажби на возилата на електричен погон, како и возилата од премиум класа. Од друга страна, заради претстојната економска стагнација или очекувана рецесија во некои од најголемите европски економии, проследена со сеуште висока инфлација и растечки каматни стапки, побарувачката за возила за широка потрошувачка ќе биде под голем надолен притисок. Ризиците на економско поле кои не следеа во 2022 година, сеуште ќе се присутни и идната година.
Интересна новина што за наредната година ја планира компанијата
Како компанија, КОСТАЛ е добро позициониран и ќе оствари поголем раст од просекот во автомобилската индустрија, како на глобално ниво, така и во Европа. Откако надминавме 100 милиони евра обрт оваа година, плановите за идната година се за дополнителен раст од над 30 отсто, поради сите инвестиции кои се реализираат оваа и во текот на 2023 година. Тоа значи воведување на најнапредни технологии за лиење на пластика, но и нови проекти за енергетска електроника за Плуг-ин хибридни возила на VW групацијата, како и проекти за Мерцедес. Очекувам поголема проактивност од страна на институциите задолжени за поддршка на странските инвеститори, се со цел подобрување на условите за работа и поквалитетна бизнис и инвестициска клима во согласност со најновите меѓународни пракси и стандарди. На овој начин ќе имаме и побрзо прилагодување кон стандардите на ЕУ И можност за конкуретност, ефективност, продуктивност и раст на македонската економија.
