ВИКЕНД ВРЕМЕНСКА ПРОГНОЗА: Тропски горештини, не мрдајте од дома!
Како што најавија метеоролзите викендов земјава ќе биде под топлотен бран и во жолта фаза.
Посебно денеска ќе биде многу сончево и топло во текот на целиот ден. Температурата останува над просекот за овој дел од годината, со тоа што во однос на петок ќе биде потопло.
На повеќе места во земјата температурата на воздухот ќе надмине 35 степени, а во Повардарјето ќе достигне и 40 степени.
Утринските температури се движат во интервалот од 13 до 20 степени, а максималните дневни ќе се движат од 31 степен во Маврово до 40 и 41 степен во Гевгелија односно Демир Капија. Во Скопје и околината се очекува температурата да достигне до 40 Целзиусови степени.
За разлика од денеска пак утре (недела) ќе има услови за локална облачност и краткотраен дожд. Максималната температура ќе биде пониска само за околу 2°С до 3°С во однос на сабота.
Од Министерството потсетуваат да се почитуваат општите препораки за населението, во однос на заштита од директна сончева изложеност, како што се: избегнување подолг престој на отворено во периодот од 11 до 16 часот, носење лесна и светла облека, консумација на лесна храна и течности, хигиена на раце и хигиенски начин на подготовка на храната, како и редовно земање на терапијата кај хронично болните лица.
Комисијата за климатски промени при Министерството, континуирано ја следи состојбата со топлото време за што, како што посочуваат, јавноста навремено ќе биде информирана.
