Економија, финансии, бизнис

Контакт

(ВИДЕО) ЗА ТРИ ГОДИНИ УНГАРИЈА ЌЕ ИЗЛЕЗЕ НА МОРЕ – ГРАДИ ПРИСТАНИШТЕ НА ЈАДРАНОТ: Локацијата е купена за 31 милион евра

(ВИДЕО) ЗА ТРИ ГОДИНИ УНГАРИЈА ЌЕ ИЗЛЕЗЕ НА МОРЕ – ГРАДИ ПРИСТАНИШТЕ НА ЈАДРАНОТ: Локацијата е купена за 31 милион евра

Во италијанскиот град Трст, по скоро шест години од највата, почна изградбата на унгарското пристаниште на Јадранското Море, објави Левенте Маџар, државен секретар во Министерството за надворешни работи и трговија на Унгарија.

Пристаништето, кое се очекува да биде целосно оперативно до 2028 година, ќе служи за извозот на унгарски карго-товари. Првата фаза од проектот вклучува изградба на значителен дел од морскиот ѕид и насипување на 50.000 кубни метри материјал на унгарското државно земјиште во северна Италија, изјави Маџар на градилиштето.

Според него, во првата фаза ќе се изгради 250 метри долго пристанишно крајбрежје, а во наредните години ќе се прошири за дополнителни 400 метри, со што Унгарија ќе располага со вкупно 650 метри пристанишен капацитет на Јадранот.

Дополнително, за развој на проектот е предвидена површина од 30 хектари, каде што ќе се изгради голем логистички центар, вклучително и капацитети за поморско работење.

Според порталот Hungary Today, плановите за изградба на унгарско пристаниште во Трст беа објавени во летото 2019 година. Унгарската држава ја купи оваа локација за 31 милион евра како дел од 60-годишен договор за концесија. Развојот на пристаништето ѝ беше доверен на компанијата Адриа Порт Зрт., која е во 100 отсто државна сопственост.

Маџар истакна дека имал важни разговори со претставници на италијанската влада, меѓу кои и со заменик-министерот за инфраструктура и транспорт, Едоардо Рикси, кој бил значаен партнер во процесот на воспоставување на пристаништето. Според него, проектот ќе им помогне на унгарските извозници и компании да станат поконкурентни на глобалниот пазар во наредните години.

Унгарија годишно извезува стоки во вредност од околу 60.000 милијарди форинти (150 милијарди евра), од кои најголемиот дел се транспортира преку морски патишта.

„Доколку една земја нема свој пристап до море и сопствен пристанишен капацитет, таа секогаш ќе биде зависна од другите. Ние сакаме да ја промениме оваа ситуација, бидејќи Унгарија, како 34-ти најголем извозник во светот, мора да има директни канали за поврзување со глобалните синџири на снабдување. Ова ќе создаде нови работни места, ќе го зголеми ефикасноста на унгарскиот извоз и ќе им помогне на унгарските компании да бидат поконкурентни“, изјави Маџар.

Тој потсети дека Унгарија го изгубила пристапот до морето по Првата светска војна. „Јужнословенските трупи влегоа во Риека на крајот на 1918 година, и оттогаш Унгарија нема сопствен излез на море. Сега, ова конечно ќе се промени“, истакна тој.



Слично

Поврзани вести