(ВИДЕО) Во БиХ поплавени над 400 згради, но и фабрика каде што се полнат резервоари со кислород за пациентите со ковид-19
Состојбата со поплавите во Сараево во БиХ се смирува, a загрозените жители се евакуирани од нивните домови.
Поплавени се над 400 згради на територијата на Пале, Трново, Соколац и Источно Сараево, изјави за РТРС Милан Новитовиќ, директорот за цивилна заштита на Република Српска.
Портпаролката на Федералната управа за цивилна заштита Мајда Ковач изјави дека целосно е поплавена и фабриката Месер каде што се полнат резервоари со кислород за пациентите со ковид-19.
Екипите ги евакуираа луѓето од населбата покрај реката Босна, која се излеа од коритото во реонот на населбите Доброшевиќи, Рељево, Рајловац и Рајловачко поле, пренесува порталот Klix.ba.
Реката Жељезница која вчера се излеа во одредени предели се врати во коритото, но направи големи проблеми во Илиџа каде поплави бројни објекти.
Меѓу загрозените објекти се и бензинска пумпа и мотел на компанијата САС Петрол, кои се наоѓаат на патот од Сараево кон Фоча. Овој патен правец е затворен за сообраќај.
Наставата во училиштата е прекината.фото EPA
