(ВИДЕО) Србите го гаѓаа црногорското знаме, Црнгорците го повикаа српскиот амбасадор
Законот за слобода на вероисповедта во Црна Гора, ги влоши односите меѓу Црна Гора и Србија.
Навивачи на Црвена звезда протестираа синоќа пред амбасадата на Црна Гора во Белград, при што беа испукани пиротехнички ракети кон знамето на Црна Гора.
Амбасадата на Црна Гора објави дека го сменила знамето, бидејќи биле изгорени негови делови.
По кошаркарскиот антпревар на кој Црвена звезда го победи Баерн од Минхен, навивачите масовно дојдоа пред зградата во која се наоѓа црногорската амбасада и протестираа против донесувањето на Законот за слобода на вероисповедта во Црна Гора.
Тие повикаа и други навивачки групи да им се придружат и на 17 јануари да се соберат на протест што го најавуваат.
На протестот биле забележани полицајци во цивилни облека, додека униформирани немало.
Тие носеле плакати со ликот на Петар Петровиќ – Његош, а пред влегувањето во зградата во која се наоѓа амбасадата поставиле транспарент на кој пишувало „Црна Гора и Србија – една фамилија“.
Тие викале „Мило-Шиптаре, не ти ги даваме храмовите!“, „Црна Гора и Србија – една фамилија!“ и ги пееле „Боже правде“ и „Тамо далеко“.
Демонстранти се обидоа да го запалат црногорското знаме на амбасадата во Белград и на 27 декември.
Амбасадорот на Србија во Подгорица, Владимир Божовиќ денеска е повикан на разговор во црногорското Министерство за надворешни работи, кое го осуди синоќешниот обид за палење на знамето на Црна Гора пред Амбасадата во Белград.
„Нападот врз Амбасадата и државните симболи на соседна и пријателска земја и членка на НАТО, а всушност непопречен националистички пир, апсолутно е неприфатливо. Иако нападот врз Амбасадата беше најавен пред два дена и траеше повеќе од еден час, неразбирливо е како безбедносните органи на Србија не презедоа речиси ништо да ги оневозможат пиротехничките оргии и нападот врз државните симболи на Црна Гора“, се наведува во соопштението на црногорското Министерство за надворешни работи.
Во соопштението стои и дека земјата на прием има обврска да обезбеди нормално функционирање и безнедност на дипломатско-конзуларни претставништва на други држави и да спречи инциденти кои можат негативно да влијаат врз билатералните односи на двете земји.
Премиерот на Црна Гора, Душко Марковиќ, денес, по повод протестите на навивачите на Црвена звезда пред црногорската амбасада во Белград, рече дека станува збор за уште еден нецивилизациски напад врз црногорската амбасада и црногорското знаме.
„Синоќа во Белград се случи уште еден нецивилизациски напад врз црногорската амбасада и црногорското знаме. Ставот на српските власти е неверојатен. Црна Гора повторно се соочува со предизвик за одбрана на независност и слобода. Ние ќе ја зачуваме нашата Црна Гора и покрај омразата што ја зафатија истите актери во и надвор од нејзините граници “, напиша Марковиќ на Твитер, пренесе РТЦГ.
Поранешниот албански премиер и актуелен министер за дијаспора Пандели Мајко застана на страната на Црна Гора за нападите врз нејзината амбасада во Белград, по усвојувањето на законот за верска слобода.
