(ВИДЕО) РАМА ПРЕСЕЧЕ ТОРТА: Aлбанија го отвори последниот кластер од преговорите со ЕУ
Албанскиот премиер Еди Рама симболично пресече торта во Брисел затоа што Албанија го отвори последниот преговарачки кластер со Европската Унија(ЕУ).
Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, изјави дека денот е историски и за ЕУ и за Албанија, бидејќи покажува дека европската политика на проширување дава реални резултати.
Таа нагласи дека напредокот се должи на „упорната политичка волја на албанските власти, поддршката од земјите-членки и силното учество на граѓанското општество“, додавајќи дека албанските граѓани се тие што ја туркале земјата напред со своите очекувања за промени.
Рама оцени дека Албанија денес постигнува нешто што до неодамна делувало недостижно.
„Пред само една година ова беше незамисливо. Поминавме низ години на разочарувања и одбивања, но токму тоа нè зацврсти и ни даде јасна слика за важноста на процесот. Денес стоиме пред нешто што некогаш беше само сон“, изјави тој.
Албанија има амбиција да ги затвори преговорите до крајот на 2027 година. Целта на Албанија е полноправно членство во ЕУ во 2030 година. Албанија стана кандидат за членство во 2014 година.
