(ВИДЕО) РАБОТА ЗА ОХРИЃАНИ: Нови 750 работни места, а просечната плата бруто плата е над 800 евра
Се реализира втора инвестициска фаза во „Костал“, а отворени ќе бидат 750 нови работни места.
Германската компанија за производство на компоненти за автомобилската индустрија „Костал“ во капацитетот во Охрид во наредните пет години ќе вработи уште 750 лица.
Тоа значи дека до крајот на 2025 година компанијата ќе има вкупно 1.150 вработени.
Таа ќе котира меѓу трите најголеми производствени капацитети на групацијата во Европа. Предвидено е „Костал Македонија“, германска браунфилд инвестиција во рамки на поранешните капацитети на охридски „ЕМО“, да оствари извоз од околу 300 милиони евра на годишно ниво.
Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев кој денеска беше во посета на „Костал“ изјави дека компанијата е странска инвестиција што значајно влијае врз стопанскиот развој на Охрид, и придонесува за растот на БДП во земјата.
„Како држава ќе направиме се што е во наша моќ и натаму да привлекуваме странски инвестиции, да ја помогнеме нивната соработка со домашни компании, но и такви инвеститори што ќе вработуваат високообразовен кадар со поголеми месечни примања“ – вели Анѓушев.
Тој наведе дека 42 отсто од вработените во „Костал“ во Охрид се со високо образование и дека просечната бруто плата во компанијата е 820 евра.
