Економија, финансии, бизнис

Контакт

(ВИДЕО) Прес конференцијата на Заев, и реакцијата на Вмро-Дпмне за истата

(ВИДЕО) Прес конференцијата на Заев, и реакцијата на Вмро-Дпмне за истата

На денешната прес конференција претседателот на СДСМ Зоран Заев, како што вели тој ја објави новата „бомба“ со тоа што тој ги објави новите телефонски разговори меѓу многу јавни личности и функционери во Република Македонија.

Меѓу другото ви ја пренесуваме денешната прес конференција од страна на Сдсм во интегрално соопштени како и одговорите на новинарските прашања.

„Како што рековме, секое следно објавување докази ќе биде пошокантно и позапрепастувачки за Република Македонија. Затоа што, тоа што го правеле Груевски и групата околу него, со своите граѓани, со државата, со медиумите, со политичките противници е грозно и оди до граници што нормален човек не може ни да ги замисли“ изјави денеска Зоран Заев.

„Слушнавте дека братучедите, Груевски и Мијалков, масовно прислушувале. Слушнавте каков упад направиле во правосудството, како масовно местеле судии, како нарачувале судско-обвинителски пресуди. За правосудтсвото ќе видите уште многу во деновите што доаѓаат“.

„Но, ова што денеска ќе го слушнете е ужас“!

„Од разговорите ќе ви стане јасно на што `се се подготвени братучедите Груевски и Мијалков со неколкумина нивни соработници. Какви заложници сме сите во сопствената држава, во којашто нема судство, нема полиција, нема систем, туку се e инструирано и диригирано од таа мала група, фамилијата на Никола Груевски. За што? За лични цели и за одмазда“!

„Почитувани граѓани“,

„Денеска пред целата јавност во Македонија го откриваме политички монтираниот случај со Љубе Бошкоски“.

„Ќе слушнете како однапред било испланирано апсењето на Љубе Бошкоски. Ќе видите како режисерите на сценариото: директорот на УБК, Мијалков, министерката за внатрешни работи Јанкулоска, шефот на Кабинет на Груевски, Протогер, нечовечки и сеирџиски во соработка со главниот и одговорен уредник на Сител, Драган Павловиќ Латас и сопственикот на Канал 5 ТВ, Емил Стојменов, го потготвуваат филмот апс на Бошкоски, за негово целосно понижување, а јавноста и гледачите да бидат ужаснати од тоа што ќе го видат“.

„Бидејки разговорите ги објавуваме без каква било интервенција, така како што биле водени, однапред ви се извинуваме за вулгарностите во аудио материјалот што ќе ви биде презентиран. Тоа е начинот на однесување и говорот на овие луѓе кои се на власт“.

„Бидејки еден од најприслушуваните од Груевски и Мијалков е Драган Павловиќ Латас, од неговиот разговор со Мијалков се дознава дека директорот на УБК, Сашо Мијалков, уште на денот на апсењето на Бошкоски, знае на колку години затвор Љубе Бошкоски ќе биде осуден“ стои во изјавата на денешната прес конференција на Заев.

Ви го пренесуваме видеото со аудио снимките кое што јавно беше објавено од страна на Сдсм.

По завршувањето на прес конференцијата следеа многу интересни прашања поставени до Заев, погледнете ги прашањата кои му беа поставени од страна на присутните новинари како и одговорите кои ги даде Зоран Заев.

Додека во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ стои : Заев одработува за странски центри на штета на државата

„Зоран Заев свесно продолжи да одработува за странските центри и нивните агентури во државава, на директна штета на интересите на Република Македонија и нејзините граѓани. Заев потврдува дека материјалите кои ги употребува се креирани во соработка со странски центри, а тој е инструмент во спроведувањето на нивното сценарио“, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на претседателот на СДСМ Зоран Заев.

Според владејачката партија,  „СДСМ и Зоран Заев не можат да бидат конкурентни со програма, проекти и идеи корисни за граѓаните туку, како што наведува, единствено се добри кога станува збор за исполнување  туѓи агенди кои се штетни за сопствената држава“, стои во реакцијата.

„Заев веќе подолго време е дел од ова смислено сценарио, тој беше човек кој јавно соопштуваше дека целата држава треба да ја свитка кичмата, кој по СМС-пораки и писма информираше дека на власт ќе го донесат пријателите од странство, со свое јавно признание пред премиерот кому му потврдил дека креираните материјали се од странски служби“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата наведува дека целта на сценариото на СДСМ е  провидна и оти се доведуваат во ситуација да влезат во серија противречности и од минута во минута се демантираат самите себеси.

„Зоран Заев во своето обраќање на прес-конференции искажа еден куп лаги, конструкции и невистинити квалификации кои се во функција на остварување на сценарио  за разнебитување на државата, со цел да дојде на власт без да ја има довербата од граѓаните. Заев нека продолжи да се занимава со одработување на туѓи сценариа, владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да работи за реалните потреби на граѓаните, да спроведува проекти и програма која ќе го подобри нивното секојдневие. Тоа е разликата и таа разлика граѓаните ја препознаваат на избори“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Слично

Поврзани вести