(ВИДЕО) Пожарот во Прохор Пчињски е изгаснат, но штетата е голема
Пожарот кој избувна утрово во манастирот „Св.Прохор Пчињски“ во Србија, во близина на границата со Македонија, е изгаснат. Сепак противпожарните екипи заради сигурност дежураат на терен, изјави портпаролот на Полициската управа во Врање Драган Стаменковиќ.
Во пожарот нема повредени, но е причините значителна материјална штета. Огнот речиси целосно го пеплоса Кралскиот конак во манастирот, каде што спиеле монасите.
Врањскиот епископ Пахомије, во изјава за српското црковно Радио Искон, рекол дека пожарот на покривната конструкција од Кралскиот конак прв го забележал настојникот на манастирот Николај, кој заедно со гостите се обидувал да го изгаси со противпожарни апарати, но не успеал затоа што огнот се ширел многу брзо.
Се претпоставува дека пожарот се појавил на покривот, во близина на оџакот, го зафатил целиот покрив, а потоа и целиот конак кој е изграден од дрво. За сега не е позната причината за пожарот ниту колкава е материјалната штета на конакот, на кого се уште траеле работите за реновирање.
Повеќе за тоа како изгледа Прохор Пчињски по пожарот во видеото на следниот ЛИНК.
Манастирот Св. Прохор Пчињски се наоѓа во шумовит и тешко пристапен предел на планината Козјак, на левиот брег на реката Пчиња, на 30 километри јужно од Врање.
Според преданието, во 11-от век манастирот го подигнал византискиот цар Роман Диоген, во знак на благодарност кон Св.Прохор Пчињски, кој му предвидел дека ќе стане цар на византиската империја.
Лани, пак, беа одбележани 100 години од изградбата на Кралските конаци на манастирот. По завршувањето на Кумановската битка во 1912 година, српскиот крал Петар Први ја започнал изградбата на големиот конак во северозападниот агол на портата, веднаш до главната капија.
Денес манастирот работи како културно-образовен центар на крајот и во него има богословска школа, а се изучува и иконописарскиот занает.
Манастирот Св. Прохор Пчињски има огромно историско значење и за Македонија, како локација каде што се одржало Првото заседание на АСНОМ на 2-ри август 1944 година. Веќе неколку години, заради несогласувањата со Српската православна црква, македонска делегација не оди во Св.Прохор Пчињски за Илинден, туку настанот го одбележува во реплика од манастирската сала во која се одржа заседанието, во меморијалниот центар Пелинце.
Слично
