(ВИДЕО) Паравојска во најперспективната земја на Балканот
Се појави паравојска во Словенија.
Претседателот на Словенија Борут Пахор, е загрижен откако на социјалните мрежи се објавени фотографии од вооружена група на маскирани луѓе кои ги предводи неговиот поранешен противкандидат, Андреј Шишко.
Пахор кажа дека во Словенија која е членка на Европската Унија нема место за таква група.
Политичарот од крајната десница, Шишко вели дека групата која тој ја предводи ќе „обезбеди јавен ред и мир“, ако тоа е неопходно.
Полицијата води истрага за групата чии членови имаат пушки, но демантира дека станува збор за паравојска. На снимките објавени на Фејсбук се гледаат 70 маскирани луѓе кои наводно полагаат „свечена заклетва“.
Групата ја предводи Шишко, кој не е маскиран, а кој бил во затвор поради обид за убиство. Тој лани доби 2,2 % гласови на претседателските избори.
Шишко порано негираше дека групата која се нарекува „Штаерска гарда“, во североисточниот дел на земјата, работи илегално и истакна за „Ројтерс“ дека станува збор за стотина доброволци.
Но, тој признал дека оружјето кое го носеле не било регистрирано.
„Претседателот Пахор нагласува дека Словенија е безбедна земја во која на неовластени личности не им е дозволено незаконски да се грижат за земјата и нејзините граници“ - се вели во соопштението на кабинетот на Пахор.
Словенечкиот премиер во заминување, Миро Церар вели дека формирањето на единици е „апсолутно неприфатливо“. Toj смета дека е непотребно да се поттикнува страв и да се шири омраза.
Мандатарот Марјан Шарец кој ќе составува Влада на Твитер напиша дека било каква вооружена група надвор од словенечките безбедносни сили го „подрива Уставот и правната држава“.
Видеото е објавено вчера и има над 11.000 прегледи.
