(ВИДЕО) Огнот во Албанија „проголта“ неколку села
Ситуацијата со пожарите во Албанија останува критична, откако шест села во подрачјето на Грамш се целосно уништени од огнената стихија, едно е зафатено од пламените јазици, а уште едно е во непосредна опасност. Во овие области дејствуваат пет хеликоптери – три во Грамш и два во Делвина – додека стотици пожарникари, војници и доброволци работат без престан за да спречат ширење на пожарите кон станбените зони и националните паркови.
Голем пожар од синоќа беснее и во општина Булќиза, на албанско-македонската граница кај Дебар. Националната агенција за цивилна заштита објави дека во акциите низ целата земја се вклучени околу 10 илјади припадници на противпожарните служби, полицијата, армијата и волонтери.
Особено тешка ноќ поминале жителите на Делвина, каде пламените јазици се приближиле опасно близу до градот и болницата. Поради ризикот, пациентите биле евакуирани и сместени во локалниот кино-театар, а боците со кислород биле дислоцирани. Од загрозените делови се извлечени жените, децата и старите лица, додека мажите останале да помагаат.
