(ВИДЕО) Неколку лица претепале Србин на Косово
Неколку лица претепале Србин на Косово.
Мирослав Гуџиќ од Добротин во Косово е претепан во местото Донја Гуштерица и е хоспитализиран во Клиничко-болнички центар, а при обид да го заштити, повреди добила и работничка од оваа установа, која исто така е хоспитализирана.
Гуџиќ, чијашто здравствена состојба е стабилна, раскажал дека на физичкиот напад од непознати напаѓачи му претходел сообраќаен инцидент, кога нешто по 11 часот тргнал од Добротин кон Донја Гуштерица.
„Кај добротинските гробишта едно бело возило, мислам дека беше голф петка, почна да претекнува повеќе возила. Јас му дадов светлосен сигнал за да го предупредам дека ќе се судриме. Јас застанав, тој помина покрај мене. Јас го продолжив патот кон Гуштерица и таму, кај раскрсницата во близина на маркет, ме удри автомобил од задната десна страна“, истакна Гуџиќ.
Тој додава дека, откако застанал да види колкава е материјалната штета, видел тројца млади Албанци кои, според неговите зборови, нешто му дофрлале, но не слушнал што и не ги препознал.
„Во тој момент сакав да го продолжам патот, да ја избегнам целата ситуација. Тргнав со автомобилот напред, но возилото со кое се сретнав кај гробиштата ми го препречи патот. Некако успеав да ја избегнам блокадата и тргнав кон Домот на здравје, надевајќи се дека ќе се откажат. Тие продолжија да ме следат. Мислам дека беа три возила“, раскажува Гуџиќ.
Гуџиќ потоа, гледајќи дека напаѓачите сакаат конфликт, се обидел да влезе во домот за здравје во Донја Гуштерица, со надеж дека ќе го избегне инцидентот.
„Излегов од автомобилот и влегов во канцеларија, некаде да се тргнам. Тие, пет или шестмина, тргнаа по мене. Влетаа во канцеларијата и почнаа да ме удираат и да ме влечат. Таму имаше една работничка или медицинска сестра која се обиде да ме одбрани, ја нападнаа и неа. Потоа ме извлекоа надвор и продолжија да ме тепаат“, рече Гуџиќ.
Тој нагласи дека не знае кој го нападнал и зошто, дека никого не провоцирал и дека единствен мотив, според него, е тоа што е Србин и што вози автомобил со нишки регистарски таблички.
Гуџиќ изјави дека од вработените во домот на здравје побарал да повикаат полиција, што тие и го направиле.
„Полицијата беше тука, дадов изјава за тоа што се случи. Случајот е отворен и ми рекоа по хоспитализацијата да се јавам во полициската станица во Грачаница“, додаде тој.
Тврди дека напаѓачите постојано му се заканувале и го навредувале.
