(Видео) Мигранти насилно влегуваат во Македонија, полицијата возвраќа со солзавец
Најмалку 30 лица, меѓу кои и деца, побарале лекарска помош по денешниот инцидент на македонско-грчката граница, откако мигранти и бегалци ја пробија оградата, а полицијата реагираше со солзавец и димни бомби.
Очајни од чекањето со денови во ничија земја, стотици мигранти и бегалци ја урнале заштитната ограда и почнале да фрлаат со камења кон полицијата, обидувајќи се насилно да влезат во земјата.
[embed width="700" height="450" ]https://www.youtube.com/watch?v=mRlbH_GhU1I[/embed]Инцидентите почнаа откако меѓу бегалците од грчка страна се рашири информација дека границата ќе биде отворена за сите, иако се работеше за момент на отворање на оградата за да бидат првично пропуштени 50 бегалци. Огромен број луѓе почнаа да трчаат по шините кон македонската ограда во надеж дека ќе успеат да преминат.
Македонската полиција при напливот на бегалци се обиде да ја засили оградата со дополнителни железни столбови. Првиот одговор на дополнителното засилување на оградата беа врисоци и повици да се отвори портата и да им се дозволи патувањето, а потоа група бегалци почнаа да ја каменуваат полицијата.
Инаку, Во Грција и понатаму се зголемува бројот на бегалци што се заглавени во земјата и во неизвесност чекаат дали ќе може да преминат преку Балканот кон Германија или, пак, нивниот сон за подобар живот ќе застане на преминот кај Идомени.
Во Македонија се пропуштаат малкумина поради ограничувањата за пропуштање мигранти кон Австрија. Оценките се дека во Грција во моментов има повеќе од 25.000 бегалци. Бегалците од Ирак, Сирија и од Авганистан се распоредуваат низ мигрантските центри и во привремените засолништа низ целата земја.

