(ВИДЕО) КУБА Е ВО МРАК, ПО 20 ЧАСА ДНЕВНО СЕ БЕЗ СТРУЈА: Во Хавана избија протести
Во Хавана во Куба избувнаа протести поради најтешките прекини на снабдувањето со струја во последните децении, објави Ројтерс. Стотици граѓани излегоа на улиците, тропаа со тенџериња и бараа итно враќање на електричната енергија. Дел од патиштата биле блокирани.
Кубанскиот министер за енергетика Висенте де ла О предупреди дека електроенергетскиот систем е во „критична состојба“ и призна дека резервите на дизел и мазут се целосно исцрпени.
„Немаме повеќе резерви“, изјавил министерот во државните медиуми.
Во многу делови на Хавана, граѓаните остануваат без струја и до 20 или 22 часа дневно. Кризата дополнително се продлабочува поради недостиг од храна, лекови и гориво.
САД од почетокот на годината ги блокираат испораките на нафта за Куба, а санкциите биле дополнително заострени во јануари. Според извештаите, ниту Венецуела ниту Мексико повеќе не испорачуваат гориво за островот.
Претседателот на САД Доналд Трамп им се заканил со царини на државите што би извезувале гориво за Куба. Од декември досега, само еден голем руски танкер испорачал сурова нафта на островот.
фото принтскрин
