(ВИДЕО) Комисија ќе ја утврдува штетата во „Св.Прохор Пчињски“
Специјална комисија за проценка на штети утре ќе го посети манастирот „Св.Прохор Пчињски“ за да утврди колкава е материјалната штета од пожарот кој избувна денеска во манастирскиот Кралски конак.
Според првичните проценки, во пожарот речиси целосно изгоре конакот, а само со интервенција на противпожарните екипи едвај беше спречено огнот да го зафати манастирот.
„Само што ја завршувавме работата на реновирањето на Кралскиот конак, кога се случи ова“, вели врањскиот епископ Пахомије, според кого од конакот се спасува се што останало за штетата да биде помала.
Што остана од манастирските конаци и целосната изјава на Пахомије на следниот ЛИНК.
Пожарот кој избувна утрово во манастирот „Св.Прохор Пчињски“ во Србија, во близина на границата со Македонија, попладнево беше изгаснат.
Нема повредени, а се претпоставува дека пожарот се појавил на покривот, во близина на оџакот. Го зафатил целиот покрив, а потоа и целиот конак кој е изграден од дрво. За сега не е позната причината за пожарот ниту колкава е материјалната штета на конакот, на кого се уште траеле работите за реновирање.
Манастирот Св. Прохор Пчињски се наоѓа во шумовит и тешко пристапен предел на планината Козјак, на левиот брег на реката Пчиња, на 30 километри јужно од Врање.
Според преданието, во 11-от век манастирот го подигнал византискиот цар Роман Диоген, во знак на благодарност кон Св.Прохор Пчињски, кој му предвидел дека ќе стане цар на византиската империја.
Лани, пак, беа одбележани 100 години од изградбата на Кралските конаци на манастирот. По завршувањето на Кумановската битка во 1912 година, српскиот крал Петар Први ја започнал изградбата на големиот конак во северозападниот агол на портата, веднаш до главната капија.
Денес манастирот работи како културно-образовен центар на крајот и во него има богословска школа, а се изучува и иконописарскиот занает.
Манастирот Св. Прохор Пчињски има огромно историско значење и за Македонија, како локација каде што се одржало Првото заседание на АСНОМ на 2-ри август 1944 година. Веќе неколку години, заради несогласувањата со Српската православна црква, македонска делегација не оди во Св.Прохор Пчињски за Илинден, туку настанот го одбележува во реплика од манастирската сала во која се одржа заседанието, во меморијалниот центар Пелинце.
Слично
