(ВИДЕО) Јули натпросечно топол, во регионот заладување и град
Овој јули температурите биле за еден до два степени повисоки од истиот месец во претходните години.
Средните месечни температури за јули се движеле од 18,3 до 27,2 степени. Споредено со многугодишните просечни месечни вредности, тие се повисоки за еден до два степени, а најголемо отстапување, од три степени Целзиусови се случило во третата декада на јули во Маврово. Најниската средна месечна температура е регистрирана во Лазарополе, а највисоката во Демир Капија и Гевгелија.
Во регионот има заладување.По повеќедневните високи температури, во западните делови на Балканскиот полуостров вчера пристигна освежување, проследено со пад на температурата, при што Сараево беше зафатено од пороен дожд, врнежи имаше и во Загреб, а делови од Словенија ги погоди град.
Поројни дождови се забележани и во другите делови на Босна и Херцеговина, а засега нема извештаи за штета.
Метеорозолите во БиХ најавуваат повторно големи жештини и во наредните денови, додека посериозно заладување се очекува кон крајот на неделата.
Во Загреб врнеше дожд, а температурата вчера во 20 часот изнесуваше 21,5 степени.
