(ВИДЕО) Хакери од Македонија празнеле банкарски картички во Канада!
Десетина хакери од Скопје, Штип и Прилеп се уапсени под обвинение дека краделе податоци и празнеле банкарски сметки, соопшти Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика – Одделение за истраги за компјутерски криминал при МВР. Еден од осомничените е во бегство и за него е распишана потерница.
Члленовите на хакерската група, сите на возраст меѓу 21 и 33 години, користеле софистицирана компјутерска измама „фишинг“ за да ги откријат тајните податоци на банкарските клиенти, а потоа им ги празнеле сметките. Нивните жртви најчесто биле од Канада.
Групата работела веќе подолго време, а нејзини организатори биле три лица - Р.П. (32) од Прилеп, З.М. (28) од Штип, П.П. (30) од Прилеп. Р.П, и З.М. биле задолжени да креираат лажни интернет страници, идентични на оргиналните, со полиња за оставање на банкарски податоци од страна на корисниците. Страниците биле хостирани во странство и до жртвите се испраќале преку електронска пошта, во пораки кои изгледале идентично на оргиналните, со цел да се предизвика забуна.
Измамените клиенти, кои мислеле дека вршат плаќање преку легитимен сајт, оставале податоци за својата банкарска картичка и наскоро си ја наоѓале сметката испразнета.
Хакерите ги користеле податоците за преку сервисите за испраќање пари да си пратат пари на себе или на останатите членови на групата. Парите ги подигале во експозитури во земјава, а во последно време и во Косово. На овој начин организираната криминална група се стекнала со имотна корист од 95.609 американски долари и 99.000 евра, соопштува МВР.
При претресите во акцијата „Компас“, кај првообвинетиот бил пронајден и гасен пиштол кој го поседувал без дозвола, а кај неколкумина и тревкаста материја (најверојатно марихуана) заради што ќе заработат и дополнителни пријави. Еве како изгледаше полициската акција:
http://www.youtube.com/watch?v=tYzmYOGJ0x0
Слично
