(ВИДЕО) Гувернерот Трајко Славески го виде македонското монетарно злато во трезорот во Англија
Гувернерот Трајко Славески и неговиот тим во посета на Трезорот на Банката на Англија, виде каде се чуваат златните резерви на Македонија. Притоа, беше извршен увид во златото и условите во кои се чува во Трезорот на Банката Англија.
Народната банка во состав на девизните резерви располага со околу 6,9 тони монетарно злато, со тековна пазарна вредност од околу 800 милиони евра. Златото се чува во Трезорот на Банката на Англија во алоцирана (асигнирана) форма и го сочинуваат маркирани златни прачки коишто во целост ги исполнуваат стандардите на пазарот на злато во Лондон (London Good Delivery Standard − прачки со содржина на злато од најмалку 99,5% или тежина од околу 400 фини унци, односно околу 12 кг).
Одлуката тоа да се чува во Банката на Англија беше донесена во 2010 год. имајќи ги предвид сигурноста и флексибилноста коишто ги нуди инфраструктурната поставеност на централната банка, како и пристапноста до пазарот на Лондон.
„По претходно доставено барање до Банката на Англија, беше издвоен и презентиран примерок од соодветен број златни прачки во сопственост на Република Северна Македонија. Гувернерот, заедно со својот тим експерти, изврши визуелна проверка на примероците, при што беше утврдено дека тие одговараат на сериските броеви и дека се со правилна форма којашто соодветствува на утврдените стандардни спецификации.
Имајќи ги предвид исполнувањето на високите стандарди и пристапноста до учесниците на пазарот на злато во Лондон, ова злато, при поволни пазарни услови, покрај неговата значителна ценовна апрецијација, може да се искористи и за остварување дополнителни монетарни приходи преку пласмани на краткорочни депозити и склучување трансакции со злато со централни и првокласни странски деловни банки“,објави НБРСМ.
Во Трезорот на Банката на Англија се наоѓа една од најголемите резерви на злато во светот. Банката на Англија се грижи за повеќе од 400.000 златни прачки вредни милијарди фунти.
